• понеделник, 23 декември 2024

Откриено спомен обележје на полицискиот службеник Игор Драганов

Откриено спомен обележје  на полицискиот службеник Игор Драганов

Скопје, 24 октомври 2023 (МИА) - Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски  денеска присуствувал и се обратил на настан по повод откривање спомен обележје во чест на ликот и делото на загинатиот припадник на македонската полиција, Игор Драганов, во организација на Здружението на бранители на Македонија.

- Нашиот херој  Игор беше полициски службеник кој некогаш беше со нас, се радувaше и тагуваше заедно со нас, храбро и достоинствено пред 16 години на денешен датум извршувајќи работни задачи во близина на селото Танушевци на падините на Скопска Црна Гора го положи својот живот за татковината, извршувајќи ја својата света должност чување на безбедноста и сигурноста на македонските граѓани, потенцирал министерот во обраќање пред присутните.

Спасовски, како што соопштија денеска од МВР, истакнал дека со денешново откривање на спомен обележјето му се оддава должна почит на Игор Драганов, но и на неговите најблиски, чија загуба останува ненадоместлива.

- Ве уверувам дека Игор засекогаш  ќе остане запаметен по своите херојски дела и вечно ќе живее во колективната меморија на сите наши граѓани, а неговата храброст и пожртвуваност ќе биде инспирација за идните генерации. Наша света должност е да направиме се  да го зачуваме мирот и безбедноста и  да продолжиме да целиме кон подобра иднина, која ќе биде просперитетна за сите. Свесни сме  дека овој паметник подигнат во чест и сеќавање на Игор никогаш нема да ја исполни празнината  што вечно ќе постои, но сите ние - неговите колеги, пријатели, сограѓани и сонародници - сме повеќе од  должни и обврзани не само да го чуваме споменот, туку и со нашето секојдневно работење и однесување да докажеме дека херојскиот чин  на овој 24 годишен скопјанец, нема да биде заборавен, рекол министерот за внатрешни работи Спасовски. цр/лв/

Фото:МВР

 

 

Остани поврзан