Откриени две планети со иста орбита околу нивната ѕвезда
- Научниците ќе мора да почекаат барем до 2026 година, велат, за поуспешно да ги проследат двете тела околу ѕвездата.
Мадрид, 20 јули 2023 (МИА) - Шпански астрономи денеска објавија дека откриле две планети што делат иста орбита околу нивната ѕвезда, наречена ПДС-70. Тоа е ретка вселенска појава.
- Познато е дека астероидите следат планети околу нивната ѕвезда, на пр. Јупитер и неговите тн. „тројански астероиди“. Но, планети во иста орбита се многу ретки. Во теорија, можно е да постојат, но никој досега не открил такво нешто, појасни Хорхе Лило-Бокс од Мадридскиот центар за астробиологија, еден од авторите на трудот.
Со помош на Големиот телескоп во Чиле, научниците забележале отпадоци на патеката на движење на веќе постоечка планета што кружи околу ѕвездата во соѕвездието Кентаур. Таа е оддалечена 370 светлосни години од Земјата. Истражувачите се сомневаат дека се работи или за планета во зародиш или за остатоци од планета што некогаш постоела.
Научниците ќе мора да почекаат барем до 2026 година, велат, за поуспешно да ги проследат двете тела околу ѕвездата.
Раководителката на Центарот за астробиологија од Мадрид, Олга Балсалобре-Руза, додаде дека овие наоди, објавени и во списанието „Астрономи енд астрофизикс“ се првиот доказ дека такви планети „двојнички“ би можеле да постојат во Вселената. си/сд/
Фото: МИА архива.