• вторник, 24 декември 2024

Отворен Центар за дневен престој за деца со попреченост во Општина Карпош

Отворен Центар за дневен престој за деца со попреченост во Општина Карпош

Скопје, 14 јули 2023 (МИА) - Во Основното училиште „Вера Циривири – Трена“ во населбата Карпош 2 е отворен Центар за дневен престој за деца со попреченост во Општина Карпош, каде, како што најави ресорната министерка Јованка Тренчевска дечињата ќе добиваат индивидуални третмани според нивните потреби, а согласно претходно добиените препораки од стручни лица.

Тренчевска истакна дека отворањето на овие центри е од особено значење бидејќи тоа значи дека се вложува во напредокот на децата со попреченост како и во поддршката на родителите. 

 

Со овие индивидуални третмани, посочи, практично дечињата се подготвуваат за полесно да можат да се вклучат во образовниот процес. Всушност главната цел на социјалната реформа е подигнување на квалитетот на живот за сите граѓани.

Таа ги нагласи конкретните резултати на социјалната реформа, особено од проектот за подобрување на социјалните услуги, кој се спроведува како инструмент за поддршка на социјалната реформа.

- Сакам да потенцирам дека преку овој проект се овозможени различни видови на услуги, како што се помош и нега во домот, услуги за активно стареење, услуги за престој на лица со попреченост со индивидуални третмани, услуги за рехабилитација и ресоцијализација и лична асистенција, преку кои на повеќе од 1,200 корисници им е значително подобрен квалитетот на живот, истакна Тренчевска.

Градоначалникот на Општина Карпош, Стефче Јакимовски изјави дека децата ќе престојуваат одреден временски период во овој центар каде што ќе им се дава стручна помош за да можат полесно да се вклопат и да ги прифатат предизвиците што ги носи животот, раната детска возраст и образовниот процес.

- Мене ми е посебно драго што овој е прв центар во Република Македонија и го отвораме овде во Општина Карпош, во исто време сакам да ги повикам сите родители коишто имаат потреба нивните деца да престојуваат во овој стручен центар и под стручен надзор да дадат максимална поддршка, рече Јакимовски.

Претседателката на здружението „Монтесори“, Билјана Стојчевска, информираше дека центарот е наменет за деца на возраст од 2 до 10 години и ќе се вложуваат ресурси во раната интервенција и раната стимулација на децата.

- Периодот до шестата година е период на интензивен раст и развој, и тука како стучни лица можеме најмногу да влијаеме, да ги развиваме компензаторските механизми и кај децата. Тоа е особено важно за децата кои спаѓаат во групата на ризик од попреченост, бидејќи ако добијат навремена стимулација тие всусшност ќе го достигната функционалното ниво на своите врсници и како единка ќе бидат успешно инклузирани во општеството.

Таа исто така информираше дека во овој центар е предвидена и психосоцијална поддршка на родителите и советодавна работа со воспитувачите и наставниците од редовните градинки и редовните основни училишта.

На новинарското прашање за почитувањето на мерките поради прогласената портокаловата фаза и дали има пријави за прекршување министерката Тренчевска информираше дека во текот на вчерашниот ден од Државниот инспекторат за труд извршил 90 надзори, од коишто 69 вонредни надзори и 21 контролен надзор за вршење во дејностите каде што работниците се изложени на високи температури на работа на отворено и онаму каде што се изложени на топлинско зрачење. сх/лв/

Фото: МИА

Остани поврзан