Отворено писмо од Македонскиот дипломатски синдикат до министерот Бујар Османи
- СООПШТЕНИЕ: Министре, веќе стана редовна пракса да ви укажуваме на флагрантното кршење на Законот за надворешни работи од ваша страна, како што беше упатувањето на Генералниот конзул во Њујорк за што сеуште чекаме на одговор врз кој принцип го номиниравте за престижната позиција, но сега влегувате во нова фаза на своеволно документирано кршење на закони и колективен договор.
20 февруари 2024
Министре, веќе стана редовна пракса да ви укажуваме на флагрантното кршење на Законот за надворешни работи од ваша страна, како што беше упатувањето на Генералниот конзул во Њујорк за што сеуште чекаме на одговор врз кој принцип го номиниравте за престижната позиција, но сега влегувате во нова фаза на своеволно документирано кршење на закони и колективен договор.
Сакаме да ви потенцираме дека вашата вонредна контрола на амбасадите и конзулатите и документирањето на овој процес со цел да се потенцира вашата „загриженост“ за ефикасноста на работата на ДКП-та е целосно неприфатлива и противзаконска. Вашата министерска позиција не ви дава право на увид во сеуште не издадени лични документи и е во целосна спротивност на Законот за заштита на личните податоци, уште повеќе што истото е објавено јавно на Вашиот фејсбук профил.
Дополнително, сакаме да ви укажеме дека давање инструкции за работа во смени како и работа во викенд е во целосна спротивност со Законот за надворешни работи како и Колективниот договор за јавната администрација.
На крајот сите се залагаме за македонските државјани да добијат документи час поскоро, но од сите информации во јавноста јасно е дека во државата нема обрасци за издавање на истите. Со оглед на ова, колку и да се форсираат колегите да работат во смени, викенди па дури и 24 часа истото е целосно залудно и ќе биде само во насока на разгорување на проблемот со доведување на странките во заблуда и креирање на дополнителна нервоза и притисок врз вработените во амбасадите и конзулатите.
Ве повикуваме да се прекине со оваа пракса на само промоција и перманентно кршење на законите кои ја дефинираат и штитат дипломатската служба.
ИО на МАКЕДОНСКИ ДИПЛОМАТСКИ СИНДИКАТ
__________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.
Фото: МИА архива