• понеделник, 23 декември 2024

Отворена истрага за шефицата на либиската дипломатија Наџла Мангуш по минатонеделната средба во Рим со нејзиниот израелски колега Ели Коен

Отворена истрага за шефицата на либиската дипломатија Наџла Мангуш по минатонеделната средба во Рим со нејзиниот израелски колега Ели Коен

Триполи, 28 август 2023 (МИА) - Шефот на либиската Влада на национално единство, Абдул Хамид ал-Дбеибах, отвори истрага против веќе суспендираната шефица на либиската дипломатија, Наџла Мангуш, откако таа минатата недела во Рим имала неформална средба со нејзиниот израелски колега Ели Коен, и покрај тоа што двете земји со децении наназад не оддржуваат дипломатски односи. 

Во Либија, која ја поддржува Палестина и не го признава Израел, средбата на Мангуш со нејзиниот израелски колега предизвика протести, јави Би-би-си. 

По веста за средбата избувнаа протести во главниот град Триполи и во некои други градови. Патиштата беа блокирани, а демонстрантите вееја палестински знамиња. 

Коен изјави дека разговарал со Мангуш за потенцијалот за натамошна соработка меѓу двете земји, како и за важноста од зачувување на еврејското наследство во Либија, што вклучува реставрација на синагогите и еврејските гробишта. 

Шефовите на дипломатиите разговарале и за историските врски меѓу двете земји, како и за хуманитарната помош на Израел, соопшти израелското Министерство за надворешни работи. 

Меѓутоа, либиското Министерство за надворешни работи соопшти дека Мангуш одбила да се сретне со претставниците на Израел. 

Либискиот Претседателски совет, кој ги претставува нејзините три провинции, соопшти дека е нелегално да се нормализираат односите со Израел. Ова тело уште синоќа побара од владата да разјасни што се случило во Рим. 

Претседателскиот совет ги извршува функциите на шеф на државата и е задолжен за армијата на земјата. 

За време на владеењето на поранешниот либиски лидер Моамер ел-Гадафи, илјадници Евреи беа протерани од Либија, а многу синагоги беа уништени. 

Неименуван израелски функционер денеска за британските медиуми изјави дека средбата на Коен со Мангуш била однапред договорена „на највисоко ниво“ во Либија и дека траела повеќе од еден час. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан