• понеделник, 23 декември 2024

Отворена информативна веб-страница за реформите во основното образование

Отворена информативна веб-страница за реформите во основното образование
Скопје, 4 јуни 2021 (МИА) - Отворена е нова информативна интернет страница на која може да се обезбедат исклучиво податоци поврзани со реформите кои се креираат и имплементираат во основното образование, согласно планот за промени и унапредување на квалитетот на националниот образовен систем, соопшти денеска Министерството за образование и наука. На www.osnovnoobrazovanie.mon.gov.mk медиумите и граѓаните може да се информираат за сите тековни и идни активности кои МОН и другите надлежни институции во областа на образованието ги спроведуваат, односно планираат со цел модернизација на базата на образовниот систем во државата и фаќање чекор со стандардите за квалитет кои ги наложуваат земјите од развиениот свет. -Веб-страницата содржи детално појаснување на содржината на планот за реформа на основното образование, а јавно се објавени сите документи поврзани со промените, како Концепцијата за основно образование, новите наставни програми и националните стандарди врз основа на кои се изработени, но и постојната и законската регулатива која е во фаза на подготовка или веќе се наоѓа во собраниска процедура на усвојување. Исто така, во посебно мени можат да се најдат и одговори на сите најчести дилеми и поставувани прашања во јавноста за одредени аспекти на промените, стои во соопштението. МОН, како што се наведува, продолжува да биде институција која максимално го почитува принципот на транспарентност и отчетност во работењето, како и институција отворена за соработка со сите поединци и групи кои имаат намера да дадат конструктивен придонес во креирањето на промените што мора да се случат во интерес на создавањето што поквалитетни и подобро подготвени генерации млади луѓе. мд/са/

Остани поврзан