• недела, 17 ноември 2024

Остин: Путин ќе победи во Украина ако Вашингтон ја прекине помошта

Остин: Путин ќе победи во Украина ако Вашингтон ја прекине помошта

Вашингтон, 31 октомври 2023 (МИА) – Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин стравува дека Русија ќе биде успешна во војната против Украина доколку САД не ја продолжат својата поддршка за нападнатата земја.

На денешното сослушување пред Комитетот за доделување средства на американскиот Сенат во Вашингтон, Остин беше прашан за тоа колку време има Украина пред рускиот претседател Владимир Путин да победи во војната доколку нема дополнителна американска воена помош за Украина.

Остин рече дека е тешко да се даде точна временска рамка. Но, рече тој, „можам да гарантирам дека без нашата поддршка Путин ќе биде успешен“.

- Ако сега го извлечеме тепихот од под нив, Путин само ќе стане посилен и ќе биде успешен во тоа што сака да го прави, нагласи Остин.

Остин и американскиот државен секретар Антони Блинкен беа на сослушувањето за да одговорат на прашањата за пакетот помош од околу 105 милијарди долари што американскиот претседател Џо Бајден го побара од Конгресот, кој вклучува поддршка за Израел и Украина.

Некои републиканци во Претставничкиот дом на САД се противат на дополнителна помош за Украина.

Двајцата министри истакнаа дека итно е потребна поддршка за двете земји, исто така затоа што двете војни ги поврзува блискиот сојуз меѓу Русија и Иран, на пример во размената на воена опрема.

Има многу предности што може да се добијат од истовремените инвестиции, рекоа тие, велејќи дека тие исто така испраќаат силен сигнал до непријателите на Вашингтон. На крајот на краиштата, поддршката не се однесува на ништо друго освен на американската национална безбедност, истакнаа функционерите, пренесе ДПА. јт/

Фото: ЕПА

 

Остани поврзан