• петок, 22 ноември 2024

Остин: Борбата против ИД останува во фокусот, но имаме и нови предизвици од Кина и Русија

Остин: Борбата против ИД останува во фокусот, но имаме и нови предизвици од Кина и Русија

Брисел, 17 октомври 2024 (МИА) - Работејќи заедно постигнавме огромен успех во борбата против суровиот терористички противник, кој во 2014 година контролираше голем дел од територијата на Сирија и Ирак, изјави денеска американскиот секретар за одбрана Лојд Остин во обраќањето на министерскиот состанок на членките кои придонесуваат за зајакнување на Глобалната коалиција за пораз на групата Исламска држава (Д-ИСИС), што се одржува во рамки на средбата на министрите за одбрана на членките на НАТО во Брисел. 

- Поминаа 10 години откако десетина земји се мобилизираа за да ја поразат ИД. На крајот на 2014 година коалицијата броеше над 60 земји, а денес ја сочинуваат 87 членки, истакна Остин, додавајќи дека третина од овие земји придонесуваат и со вооружени сили во борбата, операциите и кампањите против тероризмот. 

Според него, денешниот состанок е можност да се поздрави успешната борба против ИД, да се оддаде почит за огромните жртвувања и да се осигура поголема безбедност и стабилност во иднина. 

Остин нагласи дека од таа борба против ИД и идеологиите што доведоа до нејзиното создавање, светот научи три лекции, од кои три се клучни за справување со тероризмот – дека мора да се биде досетлив и решителен, дека најголемата сила доаѓа од колективниот одговор на заканите и дека е потребно прилагодување на борбените стратегии. 

- Денешното стратешко опкружување е многу поразлично од она во 2014 година. ИД остана фокусирана на нас, но справувањето со заканата од ИД и останатите терористички групи сега се само едно од нашите стратешките предизвици, меѓу кои најголеми се малтретирањата од страна на Народна Република Кина и непромислена инвазија на Русија врз Украина, рече Остин. 

Сепак, според него, и покрај променетите околности од фокусот не смее да се изостави опасноста што се уште ја претставува ИД, па затоа мора да продолжат координираните напори за справување со оваа терористичка група каде и да се појави во светот. 

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте во своето воведно обраќање на состанокот нагласи дека Алијансата е посветена на борбата против тероризмот преку оваа коалиција, која, според него, заврши извонредна работа во изминативе години. 

- Го поздравувам фактот што пет години по поразот на ИД во Ирак и Сирија, воената мисија на Коалицијата се трансформираше во билатерално безбедносно партнерство, рече Руте. 

Сепак, според него, нападите на ИД и на другите терористички групи во Сирија, Ирак, во регионот на Сахел, Источна Африка и Европа, докажуваат дека тероризмот претставува перманентна закана. 

- Терористите се повеќе користат нови технологии и тежиштето на нивните активности е поместено на југ во Сахел, регион каде што сега се речиси половина од загинатите при терористички напади, истакна Руте, додавајќи дека токму затоа на Самитот на НАТО во Вашингтон во јули сојузниците договорија нов план за улогата на Алијансата во меѓународните напори за борба против тероризмот. 

Тој додаде дека НАТО продолжува со поддршката на своите партнери од Северна Африка и Блискиот Исток во борбата против тероризмот. 

- Благодарение на блиската координацијата со САД и сите наши сојузници, Мисијата на НАТО во Ирак ќе продолжи како неборбена советодавна мисија за зајакнување на ирачките безбедносни институции. Дополнително, Јордан, Мауританија и Тунис веќе имаат полза од одбранбените пакети на НАТО, кои имаат цврста антитерористичка димензија, потенцира Руте. 

Според него, преку овие пакети на НАТО во партнерските земји се спроведува обука за зајакнување на граничните контроли и за справување со хемиските, биолошките и нуклеарните закани, а дополнително Алијансата е вклучена и во повеќе иницијативи за зајакнување на воената соработка и поддршката на борбата против тероризмот. 

- НАТО е посветен на засилување на глобалната антитерористичка алијанса и на целите на оваа коалиција, додаде Руте. 

Министерскиот состанок на попладнево продолжува со заседание на Северноатлантскиот совет на ниво на министри на одбрана, по што ќе следи средба на Советот за соработка НАТО-Украина во форма на работна вечера, на која ќе присуствува и украинскиот претседател Володимир Зеленски. сп/

Фото: НАТО

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан