• петок, 22 ноември 2024

Оставките на Филипче и Хасани се доставени до премиерот и архивирани

Оставките на Филипче и Хасани се доставени до премиерот и архивирани
Скопје, 15 септември 2021 (МИА) - Оставките на министерот за здравство Венко Филипче и неговиот заменик Илир Хасани се доставени до премиерот и се архивирани. Содржината на оставките не отстапува од она што веќе двајцата јавно го споделија, изјави на денешната прес-конференција владиниот портпарол Душко Арсовски. Премиерот, рече Арсовски, веќе објасни дека проценката и одлуката по однос на поднесените оставки ќе ја базира, исклучиво на фактите од истрагата, согласно утврдените причини за избувнувањето на пожарот во модуларната болница во Тетово. - Очекувањата се тоа да се случи во следниот период. Премиерот, исто така, апелираше за брза и темелна истрага, изјави Арсовски. Германските експерти, посочи Арсовски, се очекува да пристигнат деновиве и ќе бидат дел од понатамошната истрага. - Истражните органи се независни од извршната власт. Ние како Влада, ги очекуваме тие податоци и апелираме за што побрза истрага и расчистување на случајот, изјави Арсовски, одговарајќи на новинарско прашање до каде е истрагат на терен. Прашан зошто е прекината градбата на три модуларни болници во Скопје, Арсовски, рече дека нема такви информации и ќе мора да ги провери. - Она што е значајно е дека овие болници се безбедни и дека го зголемуваат капацитетот на инфективните одделенија. Тие беа и се уште се голема поддршка за здравствениот систем во ваква криза. Ваквиот систем на поддршка се применува низ целиот свет во услови на пандемија, изјави Арсовски. Пациценти, посочи тој, во моментов се хоспитализирани во модуларните ковид одделенија во болниците во Гевгелија, Кичево, Штип, Куманово, Струга, Гостивар, Прилеп, Охрид, Велес, Кавадарци, Струмица и на Клиниката во Скопје. аа/са/

Остани поврзан