• недела, 22 декември 2024

Основачка седница на Фондацијата за заштита на Охрид и Преспа

Основачка седница на Фондацијата за заштита на Охрид и Преспа

Скопје, 16 септември 2024 (МИА) – Фондацијата за заштита на Охрид и Преспа денеска ја одржа консулативно-основачката седница за заштита на Охридското и Преспанското Езеро, на која свои обраќања имаа деканот на Градежниот факултет Горан Марковски, директорката на Хидробиолошкиот завод - Охрид Орхидеја Тасевска, како и претседателот на Фондацијата Венци Ќурчиски.

На седницата беше посочено дека целта на Фондацијата ќе биде заштита на двете езера преку соработка со институциите кои што се поврзани со нив, како и да укаже на проблемите и начините за справување со детектираните проблеми.

Како два круцијални проблеми, претседателот на Фондацијата, Ќурчиски, ги посочи колекторскиот систем на Охрид и справувањето со пестицидите во Преспанското езеро. Преспа е загадена со многу пестициди кои влегуваат во Охрид, вели Ќурчиски, бидејќи, како што рече, дел од водата со која се храни Охридското Езеро доаѓа од Преспа.

– Преспа е загадена со многу пестициди кои за жал влегуваат во Охрид, бидејќи дел од водата со која се храни Охрид доаѓа од Преспа. Охрид пак, зад себе си има свои проблеми, бидејќи колекторскиот систем е врзан само на дел од населените места, оди од Пештани до Охрид и потоа до Струга, меѓутоа имаме доста градски и приградски и селски населби кои не се врзани. Тоа се круцијални проблеми со кои мора да се справуваме чекор по чекор. Треба да се намали количината на пестицидите на она што се фрла во Преспанското езеро. Чекор број два е да го возобновиме Хидробиолошкиот завод, чекор три е справување со проблемите поврзани со колекторскиот систем, а Градежниот факултет е единствената институција која може да проектира и изведува колекторски системи, а колекторскиот систем е застарен и е напавен во осумдесетите години, сега имаме три пати повеќе население, рече Ќурчиски.

Директорката на Хидробиолошкиот институт, Тасевска, вели основна појдовна точка се резултатите од Институтот и секој нареден чекор којшто ќе биде преземен се базира на тие резултати.

– Се надевам дека нашите научни резултати ќе бидат база за сето она што ќе следи понатака, за изнаоѓање на соодветни решенија за помош на регионот и секако стоиме на располагање за резултати добиени на научно-истражувачки проекти. Резултатите на Хидробиолошкиот институт служат како основа за развој на сите стратешки документи на државата и без релевантни податоци ние не можеме да одиме чекор напред. Основна појдовна точка се резултатите од Институт и секој нареден чекор ќе биде базиран на тие резултати, вели Тасевска.

Деканот на Градежниот факултет, Марковски, истакна дека Факултетот ќе ги стави на располагање сите свои ресурси и целото свое знаење кое го поседува за да помогне во процесите на заштита, и како што рече, постапно подобрување на состојбата на двете езера.

– Водата е најскапиот ресурс, водата е основен прозивод без којшто човекот не може да живее. Богатството кое ние го имаме со Преспанското и Охридското Езеро е реткост на ваква мала територија, меѓутоа очигледно тоа не знаеме да го цениме. Оттаму е идејата за формирање на ваквото Здружение и оттаму е интересот и желбата на Градежниот факултет да ги стави на располагање сите свои ресурси и целото свое знаење кое го поседува за да помогне во овие процеси на заштита и постапно подобрување на состојбата со двете езера. Тука не се само двете езера, тука се впрочем сите води во државата. Македонија е богата со водни ресурси, меѓутоа повторно ќе кажам тоа не е вечно, очигледно и тие води треба да го поседуваат потребниот квалитет, посочи Марковски.

Отпадот којшто го произведуваме, додава, треба да го сведеме на минимум. Според Марковски, земјава мора да се приклучи кон светските трендови, бидејќи во спротивно, вели, ќе станеме подрачје кое ќе биде познато по својата загаденост.

– Отпадот којшто го произведуваме, додава, треба да го сведеме на минимум. Кога зборуваме за градежништво треба да ги користиме што повеќе постојните објекти да ги возобновуваме, наместо да ги уриваме и да градиме нови, затоа што од уривањето се создава шут кој ние немајќи свест го фрламе онаму каде што не треба, многу често и во овие езера, а пак, произведувајќи нови количини на бетон и градежни материјали го збогатуваме воздухот со јаглерод диоксид со што создаваме дополнителни проблеми. Ова се светски трендови и мора да се приклучиме кон нив, во спротивно ќе бидеме подрачје кое ќе биде познато по својата загаденост, како што ни е воздухот во Скопје загаден, така ќе бидат и овие две езера. Овие процеси траат долго, но тоа не смее да не дестимулира, затоа што важно е да го фатиме вистинскиот правец и тоа треба да биде континуиран процес на подобрување на условите, впочем тоа нема крај и единствен начин за тоа е користерње на науката односно научните сознанија, вели Марковски. ра/дма/

Фото: МИА

 

Остани поврзан