Осми Светиклиментов научен собир на тема „Мирот Божји и мирот човечки“
- Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје денеска го организира Осмиот Светиклименов научен собир. Темата на собирот, што ќе се одржи во Свечената сала на Факултетот, е „Мирот Божји и мирот човечки“.
Скопје, 6 декември 2024 (МИА) - Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје денеска го организира Осмиот Светиклиментов научен собир. Темата на собирот, што ќе се одржи во Свечената сала на Факултетот, е „Мирот Божји и мирот човечки“.
- Поимот за мирот во православното богословие го надминува неговото вообичаено разбирање како строго општествен феномен, доминантно во современиот начин на користењето на овој поим. Воедно, тој не може да се исцрпи ниту со императивот на „внатрешниот мир“, својствен за современите спиритуални и популарно-психолошки движења. Наспроти редукционистичките тенденции во современата мисла, богословскиот концепт за мирот поседува сеопфатно значење, кое тргнува од доменот на онтологијата и ги одредува главните контури на православната антропологија, еклисиологија, етика, аскетското и литургиското богословие. Во Светото писмо, мирот се асоцира со Бога и спаѓа меѓу почесто спомнуваните библиски зборови. Во преданието на Црквата, пак, мирот е едно од божествените имиња, кое се сретнува во основните патристички извори, како што се на пр. ареопагитските списи. Мирот се јавува и како носечка тема во највозвишените дострели на црковната уметност и архитектура, а исто така и во химнографијата и црковната музика. Поседувајќи вакво сеопфано богословско значење, поимот за мирот се транспонира во доменот на световното, фрлајќи нова светлина врз современата философија, книжевноста, социологијата, политичките науки, психологијата, педагогијата итн, наведуваат организаторите во најавата за собирот.
Преку богословско обосновување на прашањето за мирот, Осмиот Светиклиментов научен собир ќе се сосредоточи врз неговите актуелни интерпретации во различните сфери на световното знаење и наука. Како традиционален настан од интердисциплинарен тип, годинашниот Собир ќе се погрижи да иницира дијалог меѓу научници и истражувачи засегнатите области. са/мд/
Фото: МИА