• понеделник, 23 декември 2024

Османи - Сулеименова: Меѓурегионалната соработка ќе придонесе кон намалување на последиците од климатските промени во Европа и Централна Азија

Османи - Сулеименова: Меѓурегионалната соработка ќе придонесе кон намалување на последиците од климатските промени во Европа и Централна Азија

Скопје, 11 август 2023 (МИА) - Министерот за надворешни работи и претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи денеска, во Астана, во рамки на посетата на Централна Азија, заедно со специјалниот претставник за животна средина на ОБСЕ претседавањето, Насер Нуредини, се сретнаа со министерката за екологија и природни ресурси на Казахстан, Зулфија Сулеименова.

Како што соопшти МНР, Османи на средбата истакнал дека заложбите на Казахстан во заштитата на животната средина позитивно влијаат во поширокиот регион на Централна Азија, воедно потенцирал дека еден од приоритетите на претседавањето на Северна Македонија е справувањето со климатските промени, при што ќе се продолжи со поттикнување на иницијативи и проекти коишто ќе значат заеднички пристап во регионот на ОБСЕ за справување со последиците од климатската криза.

-Проектите што Казахстан ги спроведува, со поддршка на ОБСЕ, особено за еко-пристаништата Курик и Атаку, се од огромно значење за поширокиот регион на ОБСЕ. Тие, не само што придонесуваат за ублажување на ефектите од климатските промени, туку ја подобруваат и позиционираноста на Казахстан во Средниот коридор и глобалната логистичка индустрија, истакнал Османи.

Специјалниот претставник Нуредини укажал на важноста на политиките на економската и еколошката димензија за регионот на ОБСЕ, особено за регионот на Централна Азија. Подвлекол на  улогата на Казахстан во доменот на трансформацијата на еколошките политики и менаџирањето со природните ресурси како лидер во регионот. Воедно, Нуредини ги пренел позитивните искуства од прекуграничната соработка на ова поле во нашиот регион, разменувајќи идеи за меѓудржавна и меѓурегионална соработка во иднина.

- ОБСЕ и Казахстан ќе соработуваат и на проектот „Промовирање на зелени пристаништа и поврзување“, чија крајна цел е подобрување на трговската и транспортната поврзаност од Централна Азија до Европа. Во тој контекст, иницирано е за време на претседавање на Северна Македонија со ОБСЕ да се одржи министерски состанок во Казакстан за да се забрза целиот процес, стои во соопштението. вг/бак/

Фото: МНР

Остани поврзан