• недела, 22 декември 2024

Османи со германската министерка за Европа за „неправедните мерки“ на ЕУ кон Косово и за Берлинскиот процес

Османи со германската министерка за Европа за „неправедните мерки“ на ЕУ кон Косово и за Берлинскиот процес

Приштина, 16 септември 2024 (МИА) – Претседателката на Косово, Вјоса Османи ја прими денеска државната министерка за Европа и клима на Сојузна Република Германија, Ана Лурман, со која разговарала за важноста на укинувањето на мерките на Европската унија кон Косово, кои, според Османи, се неправедни и најмногу ги погодуваат косовските граѓани, јави дописникот на МИА од Приштина.

На средбата со министерката Лурман, која денеска допатува во Приштина, Османи, според соопштението од нејзиниот кабинет, разговарала и за Берлинскиот процес, „надминувањето на заедничките предизвици, важноста на соработката меѓу Косово и Германија, како и германската поддршка за евроатлантските интеграции“ на Косово.

„Претседателката Османи ја истакна важноста од укинувањето на мерките на ЕУ кон Косово, кои неправедно најмногу ги погодуваат граѓаните на земјата. На средбата се разговараше и за Берлинскиот процес, при што претседателката Османи ја повтори целосната поддршка за договорите кои произлегуваат од него. Претседателката Османи, во пресрет на официјалното пуштање во употреба на Регионалниот центар за жени, мир и безбедност, ја изрази важноста од зголемување на партнерството со Германија за заеднички иницијативи насочени кон натамошно унапредување на Агендата за жени, мир и безбедност, се вели во соопштението на косовското Претседателство.

Германија во последно време се обидува да се изнајде можност Косово да ги укине санкциите за увоз на српска стока, воведени пред повеќе од една година, со цел се постигне договор за промена на статусот на застапеноста на Косово во ЦЕФТА.

Специјалниот емисар на Германија за Западен Балкан, Мануел Сарацин, за време на неговиот престој во Приштина на крајот на минатиот месец, предупреди дека Косово може да остане надвор од Берлинскиот процес, порачувајќи дека „ако Косово ја блокира ЦЕФТА, ќе биде многу тешко да се приклучи кон Планот за раст и пристап до пазарот на ЕУ“.

Османи неодамна потврди дека постои ризик Косово да се исклучи од Берлинскиот процес. иа/

Остани поврзан