• петок, 22 ноември 2024

Османи: Смената на шефот на протоколот на МНР и именувањето амбасадор во Москва се два неповрзани процеси

Османи: Смената на шефот на протоколот на МНР и именувањето амбасадор во Москва се два неповрзани процеси
Скопје, 1 ноември 2022 (МИА) - Еден човек од Македонскиот дипломатски синдикат (МДС), кој фрлаше камења на Министерството за надворешни работи, кршеше стакла и држеше говори против МНР, знаејќи дека тоа е против етичкиот кодекс на дипломатијата, сега е ставен во служба и во функција на партиските агенди, изјави денеска шефот на дипломатијата Бујар Османи во одговор на новинарско прашање околу тврдењето на МДС дека неговата информација оти директорот на Протоколот во МНР поднел оставка е лажна. - Во оваа држава има демократија, меѓутоа морам да објаснам дека тоа е лажна вест. За жал тоа е еден човек од синдикатот, а не целиот синдикат, бидејќи тука има два синдиката и ние соработуваме на дневна основа, потенцира Османи. Во однос на наводите во соопштението на МДС дека „директорот на протоколот во МНР за една недела треба да замине како амбасадор во една голема земја“, Османи потврди дека станува збор за Русија. - Ние требаше да пратиме амбасадор во Москва некаде на почетокот на годината. Тој ги помина сите процедури, но тогаш се случи агресијата врз Украина и ние решивме да го спуштиме нивото на дипломатски односи со Русија и да не пратиме амбасадор. Бидејќи амбасадорот беше без должност, го назначив за директор на протокол и ја вршеше таа задача до сега, изјави Османи на денешната прес-конференција по средбата со неговиот казахстански колега Мухтар Тлеуберди. Тој додаде дека дента кога за време на посетата на неговата словенечка колешка Тања Фајон на земјава, на масата каде што седеше со него наместо знамето на нејзината земја Словенија беше истакнато знамето на Словачка, шефот на протоколот го информирал оти поради морална одговорност бара да биде разрешен од позицијата. - Дури и формулацијата му беше дека дава оставка поради морална одговорност и јас ја прифатив, бидејќи сметав дека треба да се даде порака тоа никогаш повторно да не се случи, изјави Османи, додавајќи дека овој инцидент е сосема одделено прашање од тоа за неговото „амбасадорско позиционирање во Москва“. Шефот на дипломатија потенцира дека одлуката за тоа дали и кога ќе пратиме амбасадор во Москва ќе биде политичка во зависност од тоа дали ќе процениме дека како претседавачи со ОБСЕ, ќе треба да имаме комуникација и со Руската Федерација. - Но, тоа не е поврзано со овој процес во функција на протоколот. Тоа ќе биде политичка проценка кога ќе пратиме амбасадор, но тоа се неповрзани два процеса. Јас имам писмена оставка од директорот на протоколот и тоа не е поврзано никако со неговото службување утре, задутре во Москва, истакна Османи. сп/мс/

Остани поврзан