• петок, 22 ноември 2024

Османи - Ринкевичс: Потврдена поддршката од Рига за ЕУ-интеграциите, реформите клучен елемент за успешноста на пристапните преговори

Османи - Ринкевичс: Потврдена поддршката од Рига за ЕУ-интеграциите, реформите клучен елемент за успешноста на пристапните преговори
Скопје, 11 ноември 2022 (МИА) - Eвропската идеја на Балканот ќе биде заокружена само доколку процесот добие вистинска валоризација преку интеграција на земјите од Западен Балкан во Европската Унија, порача министерот за надворешни работи Бујар Османи на средбата во Рига со неговиот хомолог, министерот за надворешни работи на Латвија, Едгарс Ринкевичс.

Како што соопшти МНР, Османи го брифирал соговорникот за активностите поврзани со тековниот скрининг процес, како значајна фаза во процесот на пристапните преговори со Унијата. Османи, воедно, ги поздрави континуираните заложби на Латвија како дел од  „Групата на пријатели за проширување” за одржување на динамиката во процесот на проширување на ЕУ, заблагодарувајќи се за принципиелната поддршка од официјална Рига за нашата европска перспектива.

Ринкевичс, се наведува во соопштението, повтори дека Латвија останува силен поддржувач на Северна Македонија, охрабрувајќи ја нашата земја да продолжи со реформите и посветено да ги зајакнува капацитетите како клучен елемент за успешноста на пристапните преговори. Ринкевичс истакна дека Рига високо го цени усогласувањето на Северна Македонија со санкциите на ЕУ како одговор на руската инвазија на Украина, со очекување дека поддршката и соработка ќе продолжи и понатаму.

-Двајцата министри се согласија дека во услови на нарушена европска безбедност и зголемување на ризиците од аспект на стабилност и безбедност, како резултат на руската инвазија на Украина која трае веќе цели осум месеци, неопходни се мудри одлуки, единство и солидарност меѓу сите чинители. Заедничко заклучија дека сојузништвото и обединетоста во НАТO се од примарно значење, се посочува во соопштението.

На средба биле разменети мислења за можностите за продлабочување на економските релации меѓу двете земји, како и за мултилатералната соработка, особено во светло на претстојното претседавање на Северна Македонија со ОБСЕ следната година.

Двајцата министри потпишаа Меморандум за разбирање меѓу Министерствата за надворешни работи на Северна Македонија и Република Латвија, кој ќе овозможи поблиска соработка на експертско ниво, стои во соопштението. вг/дма/

Остани поврзан