• среда, 27 ноември 2024

Османи: Продолжуваме да работиме на европската агенда

Османи: Продолжуваме да работиме на европската агенда
Скопје, 28 октомври 2020 (МИА) - Продолжуваме да работиме активно на европската агенда, на негување на добрососедските односи и на економскиот развој. Остануваме посветени на крајната цел - полноправно членство во ЕУ, порачал министерот за надворешни работи Бујар Османи за време на видео средбата со шведската министерка за надворешни работи Ан Линде.

Османи, како што соопшти прес-службата на МНР, ја информирал шведската министерка за надворешни работи за досегашните постигнувања и резултати во клучните реформски области и изразил благодарност за континуираната поддршка од Шведска.

- Особено сме благодарни за интензивната соработка со Шведската агенција за меѓународен развој и соработка-SIDA, преку многубројните реализирани и предвидени проекти кои придонесуваат кон прифаќањето на заедничките европски вредности за демократска стабилност, за владеење на правото и за економски просперитет во земјата, потенцирал Османи.

Главен фокус на разговорот бил ставен на потребата од јасен и недвосмислен одговор на европските аспирации и перспективите на Република Северна Македонија, особено по одлуката за почеток на преговорите на мартовскиот европски совет.

Министерката Линде ја поздравила посветеноста на Владата на Северна Македонија за спроведување на реформската агенда, неопходна за забрзување на европската интеграција на земјата.

На состанокот станало збор и за здравствената криза и социо-економските последици од пандемијата. Шведска, како што било истакнато, е отворена за поддршка во борбата со коронавирусот.

Двајцата соговорници констатирале дека двете земји негуваат блиски и отворени билатерални односи со одлична динамика на политички дијалог, а размениле мислења и за економските односи и  соработката на мултилатерален план. бак/лв/

Остани поврзан