• петок, 22 ноември 2024

Османи: Повлекувањето на Законот за рестриктивни мерки е административно, а не политичко

Османи: Повлекувањето на Законот за рестриктивни мерки е административно, а не политичко

Скопје, 2 февруари 2024 (МИА) - Министерот за надворешни работи Бујар Османи посочи дека Законот за рестриктивни мерки има за цел да обезбеди меѓународен мир, безбедност, демократија и владеење на правото. Тој рече дека нема политичко повлекување на Законот, туку административно повлекување, бидејќи беше условно донесен Законот и сега новата Влада треба да го потврди.

-Законот е во надлежност на Министерството за надворешни работи, и јас имав можност да презентирам пред јавноста одредени погледи како сметаме дека треба да се направат измените на Законот за рестриктивни мерки. На Влада дополнително се усогласи со законодавство и Министерство, и тој беше одобрен од страна на Владата условно, со цел да се направат дополнителни усогласувања во меѓувреме со Министерството за правда и законодавство, кои што во рамки на работна група и се случи. Сега бидејќи има нова Влада потребно е новата Влада да го потврди текстот на Законот, рече вечерва Османи во своето гостување на ТВ 21.

Тој посочи дека Законот за рестриктивни мерки има за цел да обезбеди меѓународен мир, безбедност, демократија и владеење на правото. Но, во целите на Законот додаваат дека се однесува и на борбата против корупцијата, злоупотребата на службената должност и хибридните закани.

-Во сегашното законско решение како основ за воведување на рестриктивни мерки од страна на нашата држава се три основи, тоа се задолжителни резолуции на Советот на безбедност на ОН, акти, правни акти на ЕУ и билатерални акти на други држави но само за тероризам и квалиферација. Сега додаваме дека за овие цели, безбедност, меѓународен мир, борба против корупцијата, злоупотреба на службена должност, како основа за донесување на рестриктивни мерки ги земаме и правните акти на САД и правните акти на Обединетото Кралство, со тоа што понатаму се разглобува која е процедурата за донесување на правните акти, рече Османи.

Тој додаде дека во актуелното решение како видови рестриктивни мерки се ембарго за оружје, забрана за влез, финансиски мерки. Сега, посочи, додаваат покренување на кривична постапка и преземање на мерки за обезбедување.

-Кога ќе има ваков правен акт, МНР, МВР и ЈО предлагаат до Владата да донесе одлука и за наши рестриктивни мерки. Ако е за корупција, злоупотреба на службена должност Владата е должна, односно органот што предлага да ги однесе сите факти што ги има собрано од изворот на рестрикцијата до ЈО. ЈО е должно да отвори кривична постапка и ако покрене обвинение, и судот го прифати тоа обвинение, тогаш Судот може да донесе привремени мерки за обезбедување – забрана за вршење јавна функција, вклучувајќи и кандидирање на избори и конфискација на имот и други финансиски мерки, посочи Османи.

Тој посочи оти е точно дека Министерството за правда имало негативно мислење за првичното решение, посочувајќи дека мора да има судска одлука, и затоа се направиле дополнителни измени. бт/нд/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан