• недела, 22 декември 2024

Османи: Нема поподготвена земја од нас за преговори за членство со ЕУ

Османи: Нема поподготвена земја од нас за преговори за членство со ЕУ
Скопје, 8 јули 2021 (МИА) – Министерот за надворешни работи Бујар Османи смета дека земјава е подготвена за започнување на преговорите за членство со Европската унија и дека нема земја која во историјата на членство и преговори со ЕУ била поподготвена од нас. -Подготвени сме подолго време затоа што ние долго сме во процесот. Но, тоа повторно не треба да го земаме здраво за готово, бидејќи многу лесно се акумулираат проблеми и реформи и прашања доколку вие на дневна основа не продолжите независно каков е однос со преговарачкиот процес. И затоа овие прашања се важни, граѓаните да се релаксираат по однос на тоа прашање, рече Османи гостувајќи во дневникот на ТВ Сител. Рече дека фрустрациите поради неоправданите блокади ќе биде надминат на начин којшто ќе биде прифатлив за сите. -Тоа што е важно е ние да продолжиме со реформите. И тука граѓаните не треба да бидат релаксирани, туку да ни стојат над глава, да не притискаат, а и ние да продолжиме да испорачаме независно дали имаме притисок од ЕУ. Тоа е клучно бидејќи многу лесно може да се случи да ни се даде шансата, а ние да не сме спремни затоа што сме биле фокусирани на овие политички прашања, вели тој. Министерот смета дека по изборите во Бугарија не треба да се повтори сценариото од март минатата година кога беше распуштено Собранието бидејќи, како што рече, тој нема да даде резултати. -Формирање на институциите. Тоа би било многу важно бидејќи иако мислевме дека техничка влада не треба да биде пречка затоа што меѓувладината конференција е технички чекор на политички донесена одлука во март минатата година сепак се покажа дека е невозможно во услови на немање Парламент, во услови на службена влада. Така што, најважно ќе биде дали ќе има формирање на институции, бидејќи постои сценарио во кое што повторно ќе биде фрагментиран Парламентот во смисла на резултат да не може да се постигне мнозинство па повторно да се распушти Собрание и да се оди на трети избори и тоа сценарио сигурно не ни одговара бидејќи го испробавме еднаш и не даде резултат, изјави Османи. Кога станува збор за предлогот на португалското претстедателство, министерот информира дека посетата на словенечкиот претседател на Софија е многу важен дел во тој процес. -Тој предлог е предлог на претседателството, не е португалски предлог, туку беше предлог на претседателството кое што сега го презема новото претседателство и продолжува да биде предлог на сега словенечкото претседателство, меѓутоа тоа е предлог на претседателството и ќе се продолжи да се работи на тој предлог. Еве, и посетата на словенечкиот претседател на Софија е многу важен дел во тој процес, рече Османи. Тој најави дека утре патува за Дубровник, каде што ќе има голем број средби со колеги, почнувајќи со колегата од Бугарија за, како што рече„ да се обидеме да ја здржиме истата динамика со цел првата можност што ќе се појави да имаме исчекор“. Според Османи, најважно е да продолжат домашните реформи, бидејќи не се знае кога ќе се отвори вратата во ЕУ. -Во тој момент кога ќе се отвори ние постојано треба да бидеме спремни. Тоа е како на училиште кога не знаете кога ќе ве испрашуваат. Треба да бидете постојано подготвени, а јас сум убеден дека нема алтернатива од тоа еден ден да се прекрши ова прашање и да почнат преговорите, истакна министерот. Заклучи дека процесот не е лесен и дека новото јуни е септември, а ако не е септември рече дека земјава продолжува во другиот рок. свс/дма/

Остани поврзан