• сабота, 21 декември 2024

Османи на средба со иселеници во Вил, Швајцарија

Османи на средба со иселеници во Вил, Швајцарија
Скопје, 16 март 2021 (МИА) - Mинистерот за надворешни работи, Бујар Османи, работната посета на Швајцарската Конфедерација ја започна со средби со повеќе наши граѓани, како и со претставници на повеќе здруженија на дијаспората на Република Северна Македонија во Вил, област околу која гравитираат поголемиот број иселеници, која се наоѓа во кантонот, Сант Гален . Како што соопштија од МНР, се разговарало за различни теми од интерес на дијаспората, за нивните потреби, но и за можностите за унапредување на комуникацијата со државата, можностите за подобрување на достапноста на услугите кои ги користат граѓаните во странство, како и потенцијалите за нивно враќање во Северна Македонија. Посебен акцент на средбата бил ставен на спроведување на Пописот 2021, кој од 1 март оваа година, се спроведува за оваа категорија на наши државјани, при што, стои во соопштението, Османи ги повикал на активна мобилизација и нивно учество во пописот. - Пописот е наш државен приоритет за да направиме реална слика за распоредот и дистрибуцијата на нашата дијаспора. Овој чекор на државата е можност за сите вас, кои од различни причини се имате иселено од државата, од една страна да воспоставите врска, но и да придонесете кон правилно мапирање на вашите потреби тука, истакнал Османи. Тој ги потенцирал и континуираните заложби на Министерството за надворешни работи за остварување на конкретна соработка со дијаспората во сите сфери од заеднички интерес, подвлекувајќи дека иселениците се значаен сегмент од Северна Македонија, кои служат како мостови за соработка во земјите во кои живеат. - Нашите политики ќе бидат ориентирани кон засилена соработка со дијаспората, додека со вашата способност, капацитет, знаење, искуство, амбиција и желба, очекувам да и помогнете на државата, што ќе биде наш заеднички успех и вистинското поврзување, заедно сплотени со иста цел за подобра и поуспешна Република Северна Македонија, нагласил Османи. Шефот на дипломатијата Османи ги запознал иселениците и со проектите кои Министерството за надворешни работи ги презема за унапредување и олеснување на комуникацијата со дијаспората, како што е проектот „Е-конзулат“, со кој се предвидува дигитализација на поголемиот број услуги кои им се од важност за нашите граѓани кои се наоѓаат во странство. Османи утре ја продолжува работната посета на Швајцарија, при што ќе се сретне со својот колега,  сојузниот министер за надворешни работи на Швајцарија, Игнацио Касис, а ќе има и други средби со дијаспората, кои живеат во други кантони на Конфедерацијата. цр/скс/  

Остани поврзан