• петок, 22 ноември 2024

Османи на Министерски состанок на НАТО во Брисел 

Османи на Министерски состанок на НАТО во Брисел 

Брисел, 3 април 2024 (МИА) - Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска ќе учествува на состанокот на шефовите на дипломатии на земјите членки на НАТО во Брисел, на која главни теми ќе бидат одбележувањето на 75-годишнината од формирањето на Северноатлантскиот пакт и приоритетите на Алијансата во пресрет на Самитот во Вашингтон во јули годинава. 

Покрај ова, како што јави дописникот на МИА од Брисел, на средбата ќе стане збор и за актуелните безбедносни предизвици, поддршката на НАТО за Украина, како и за зајакнување на капацитетите за одвраќање и одбрана на Алијансата. 

Дводневниот министерски состанок ќе започне попладнево со заседание на Северноатлантскиот совет на ниво на шефови на дипломатии. 

Средбата продолжува утре со прослава на 75-годишнината од основањето на Пактот, кој ќе започне со церемонија на полагање венци од страна на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг и претседателот на Воениот комитет на Алијансата, адмиралот Роб Бауер. 

Прославата ќе продолжи со обраќања на Столтенберг, Бауер и на министрите за надворешни работи на Албанија, Белгија, Бугарија, Естонија, Летонија, Литванија, Полска, Романија, Словачка, Словенија, Унгарија, Хрватска и Чешка. 

По свеченоста ќе се одржи заседание на Советот НАТО-Украина, а министерскиот состанок ќе заврши со средба на шефовите на дипломатиите со претставници на државите партнери на Алијансата од Индо-пацифичкиот регион, меѓу кои и од Австралија, Јапонија, Кореја и Нов Зеланд. На средбата ќе присуствува и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел. сп/бак/

Фото: Икс

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан