• петок, 20 декември 2024

Османи на Атлантски совет во Вашингтон: Остануваме посветени на европскиот пат

Османи на Атлантски совет во Вашингтон: Остануваме посветени на европскиот пат

Скопје, 8 мај 2023 (МИА) - Министерот за надворешни работи и Претседавач со ОБСЕ Бујар Османи, како дел од владината делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски, денеска учестуваше на тркалезна маса на Атлантскиот совет во Вашингтон.

Како што соопшти МНР, пред членовите на бордот на Атлантскиот совет Османи се осврна за перспективите на повеќе важни теми кои се од интерес на Северна Македонија.

Дел од отворените прашања на кои експертите разменуваа мислења беше и пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ и предизвиците со кои како земја се соочува при евроинтегративниот процес, но и за можностите што ги нудат иницијативите за регионална соработка на Западен Балкан.

-Како лидери, мора да останеме посветени на патеката за пристапување кон ЕУ. Мора да направиме визионерски чекори за подобрување на демократскиот развој, проширување на економските можности и поттикнување на помирувањето во Западен Балкан, сè со цел целосен просперитет на земјата и граѓаните, рече Османи на тркалезната маса.

Тој истакна и дека минатата 2022 година беше година на пробив за Северна Македонија, која по 17 години чекање успеа да го стопи „вечниот мраз“ околу пристапниот процес на земјата во ЕУ.

-Ја зедовме судбината во свои раце и неопходните одлуки што ги донесовме, колку и да беа политички болни на краток рок, на долг рок ги закотвија нашите евроинтегративни аспирации откако успеавме прво да се приклучиме на евроатлантското семејство 2021 година, рече Османи.

На Советот се дискутираше и за напорите на Владата за справување со енергетската криза, борбата против корупцијата и одговорот на Северна Македонија на војната во Украина и нејзиното влијание врз целиот регион.

Зборувајќи за корупцијата, Османи потсети дека Северна Македонија со поддршка на САД и нашиот Стратешки дијалог ќе продолжи да прави големи чекори кон зголемување на просперитетот на сите наши граѓани, подобрување на владеењето на правото, борба против корупцијата и зајакнување на нашите демократски институции.

Една од темите на денешниот Атлантски совет беа и можностите што ги нудат иницијативите за регионална интеграција на Западен Балкан. Во оваа насока, Османи се осврна и на регионалните проекти кои се од исклучително значење за регионалната безбедност и за економскиот и севкупен развој на земјите од регионот. Зборувајќи тука за Берлинскиот процес, Отворен Балкан, Иницијативата 8, Преспа Форумот за дијалог, САД-Јадранската повелба, но и други, Османи истакна дека Северна Македонија, како активен учесник и потписник на овие регионални проекти, силно ги поддржува и промовира со цел натамошно унапредување на билатералната соработка со земјите од регионот и постигнување и зачувување на основните предуслови - стабилен, безбеден и просперитетен регион. дма/

Фото: МНР

Остани поврзан