• петок, 22 ноември 2024

Османи: Најдовме заеднички јазик со Холандија во однос на неопходноста од добра кординација за предизвиците од енергетската криза

Османи: Најдовме заеднички јазик со Холандија во однос на неопходноста од добра кординација за предизвиците од енергетската криза
Скопје, 7 септември 2022 (МИА) - Потребна е добра координација во пресрет на предизвиците од енергетската криза помеѓу Западен Балкан и Европската Унија, токму имајќи го искуството од пандемијата, изјави министерот за надворешни работи, Бујар Османи на прес-конференција со министерот за надворешни работи на Кралството на Холандија, Вопке Хукстра. На новинарско прашање дали Холандија, во рамки на она што ќе го предвиди Европската Унија во контекст на енергетската криза која претстои ќе ја поддржи, или ќе предложи да биде вклучен и Западниот Балкан, вклучително и Македонија, и дали досега е побарано такво нешто од ЕУ, имајќи го предвид искуството од ковид-кризата кога Западниот Балкан беше оставен на опашката и тоа го доби многу доцна, дали да очекуваме дека можеме да бидеме на опашката и за енергетската криза, Османи одговори дека разговарале токму на оваа тема. - Тука најдовме заеднички јазик во однос на неопходноста, односно потребата од блиска координација. Инаку, да потсетам дека Европската Унија веќе има донесено одлука за заедничка набавка на гас и енергенси во која што Комисијата ќе служи како платформа за која било и земјите од Западен Балкан, кои што не се земји-членки ќе можат да ја користат Европската Комисија за набавка на гас и енергенси. Проблемот е што и Европската Унија се соочува со недостаток на енергенси, меѓутоа, или, пак со високи цени на енергенси, посочи тој. Информираше дека на вчерашниот Совет за безбедност ги разгледале сите аспекти. - Ја посетивме и Софија токму на тема на обезбедување електрична енергија, исто така. Да информирам дека за прв пат, Европската Унија ќе ги покани и министрите за економија и енергетика на Западен Балкан, на својот формален состанок на Европската Унија со цел да се вклучат и министрите од регионот со свои ставови и да бидат запознаени со одлуките кои што ќе бидат донесени, а според најавите се очекуваат таканаречени „историски“ одлуки на Европската Унија по однос на одредени мерки, за да се намали негативното влијание од енергетската криза, односно високите цени, недостатокот на гас и така натаму, рече Османи. Министерот Вопке Хукстра одговори дека мора и понатаму да ја поддржуваат Украина. - Ова бара упорност, затоа што не можеме да се откажеме, не се работи само за иднината на Украина, се работи за иднината на нашиот континент. Но, исто така, можеме да видиме дека граѓаните и деловните субјекти во сите земји од Европската Унија и на целиот Европски континент и на овој регион се соочуваат со тешкотии заради енергетската криза и инфлацијата. Ова е време да покажеме единство, како што кажа министерот, ќе се одржи состанок на министрите задолжени за енергија, на овој состанок ќе присуствуваат не само министрите на земјите членки на Европската Унија туку и министри од земјите од Западниот Балкан, и така треба да биде, посочи Хукстра. Според него, долгорочно, од суштинска важност е да се осигураат дека државите членки на Европската Унија, државите членки на НАТО и оние кои што сакаат да се приклучат на Европската Унија нема повторно да се соочат со ваква ситуација предизвикана од, како што рече „одредени геополитички играчки“. - Ние сега се соочивме со ковид-кризата, се соочуваме и со оваа криза, меѓутоа долгорочната цел е да го консолидираме нашето единство и заеднички одговор, рече тој. ар/цр

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан