Османи за Законот за здруженија: Не смееме да дадеме никому аргумент ако сметаме дека некои елементи може да се спорни
- -Немам никави забелешки по однос на другите одредби од законот. Ретроактивното важење на законот за мене е проблематично. Република Бугарија почнува една сериозна кампања во меѓународните инс
Скопје, 12 ноември 2022 (МИА) - Венецијанската комисија ја споменав само во делот на ретроактивното важење на законот, а не за одредбите за новите клубови кои можат да се отвораат со проблематични имиња, соопшти на денешната средба со медиумите министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Одговарајќи на новинарско прашање за одлуката да се испратат измените на Законот за здруженија и фондации до Венецијанската комисија, Османи потсети дека реагирал пред да се донесе Законот за здруженија и фондации во делот на ретроактивноста.
-Немам никави забелешки по однос на другите одредби од законот. Ретроактивното важење на законот за мене е проблематично. Република Бугарија почнува една сериозна кампања во меѓународните институции по однос на ова прашање, посебно во Советот на Европа. Нам ќе ни требаат сите аргументи да докажеме дека тоа не е така, бидејќи ако по нешто сме препознаени во светот тоа е по односот кон заедниците и односот кон граѓанските права. И затоа сметав за да не дадеме никаков аргумент на некој, дека ќе предложам до Влада да го пратиме до Венецијанската комисија. Доколку Венецијанската комисија каже дека се е во ред со законот, тогаш навистина нема никој веќе аргумент да спори против овој закон, рече Османи. Посочи дека Венецијанската комисија ја споменал само во делот на ретроактивното важење на законот, а не за одредбите за новите клубови кои, како што рече, можат да се отвораат со проблематични имиња.
Посочувајќи дека ја слушнал изјавата на министерот за правда Никола Тупанчески кој рече дека се носи нов закон за здруженија и оти тој може да се прати во Венецијанската комисија, нагласи дека тоа е добро решение.
Според него, добро е да се добие едно мислење на Венецијанската комисија, дали на постојниот Закон за здруженија и фондации или на новиот, кој се надева дека ќе се донесе брзо. -Не смееме да дадеме никому аргумент ако сметаме дека некои елементи може да се спорни, порача Османи.
Прашан за денешната реакција на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за новиот амбасадор во Франција Виктор Димовски и нивното барање да биде повлечен од амбасадорската функција, Османи информира дека тој се уште не е заминат, ги има одбрането тезите и се чека да помине во Собранието, на Комисијата за надворешна политика. Османи очекува претседателот на оваа собраниска омисија, Антонио Милошоски да ја свика комисијата, а како што информира чекаат двајца амбасадори, за во Париз и за во Подгорица.
Министерот за надворешни работи нагласи дека не може да го коментира ова прашање се додека, како што рече, не се расветли случајот. Очекува инститициите да видат дали нешто е спорно во тој случај, а потоа да видат дали тие треба нешто да преземат.
Османи рече дека е во интерес да се свика собраниската комисијата и да им се постават сите прашања на идните амбасадори. - Ако не ја свикаат, тоа значи дека немаат никакви забелешки и тогаш ќе побарам од претседателот на државата да потпише Указ, како што потпиша за неколку амбасадори за кои Милошоски не свика комисија, рече Османи. Прашан колку време ќе чека, Османи рече „не многу затоа што амабасадите не смееме да ги оставиме празни“.
Османи на денешната средба со медиумите се осврна на својата балтичка турнеја, Литванија, Естонија и Латвија. Информира дека со Литванија имаме одличнии билатерални односи и како резултат на неговата посета дека Литванците внесуваат во постапка отворање амбасада во Скопје. Истакна дека отворањето на амбасадата е важно и додаде оти тоа е и порака за пријателство. - Нема конечна одлука, меѓутоа ја внесуваат веќе во буџетската конструкција за отворање на амбасада, рече Османи.
Министерот Османи информира дека од Јужноафриканската република, односно Владата, има позитивен одговор за нашето барање да воспоставиме дипломатски односи. -Ова е процедура која што ја водиме веќе неколку месеци така што стигна позитивен одговор и веќе почнуваме, приоѓаме кон потпишување на дипломатскии односи со Јужноафриканската република, рече Османи. мд/лв/