• понеделник, 23 декември 2024

Османи: ЕУ да го забрза проширување во интерес на нашата заедничка стабилност

Османи: ЕУ да го забрза проширување во интерес на нашата заедничка стабилност
Брисел, 4 март 2022 (МИА) - Кризата во Украина покажа дека проширувањето на ЕУ е првенствено безбедносна политика и затоа Унијата треба да биде проактивна на Западниот Балкан, да го забрза своето проширување во интерес на нашата заедничка стабилност и да го затвори вакуумот за интервенции, порача министерот за надворешни работи Бујар Османи на вонредниот состанокот на Северноатлантскиот Совет, што на ниво на шефови на дипломатии се одржа во Брисел. - Денес упативме силна порака за единството на Алијансата и заедничката определба за зачувување на евроатлантската сигурност. Обединети сме во нашата осуда на руската воена агресија и пораката за неодложно запирање на воените дејствија, кои нанесуваат ненадоместлива загуба на човечки животи и имаат далекосежни последици за економија, мирот и просперитетот на целиот свет. Одлучни сме во нашата поддршка за Украина и солидарност со украинскиот народ, чија храброст и решителност за изнаоѓање мирно решение е достојно за почит, истакна Османи. Како што соопшти МНР, Османи во своето обраќање информираше и за воведените санкции и рестриктивни мерки кон кои се придружи земјава, како одговор на руската агресија и ја истакна и обезбедената помош за Украина, како дополнителен израз на солидарност со украинските граѓани. Министерот Османи оцени дека консолидираниот пристап на НАТО и ЕУ е најдобрата алатка за надминување на безбедносните предизвици и зачувувањето на демократските процеси во нашите простори. Како што се наведува во соопштението, состанокот на Северноатлантскиот совет беше посветен на безбедносната ситуација во Украина, при што беше упатена силна осуда за неиспровоцираниот воен напад од страна на Русија. – Ваквиот неоправдан чекор претставува директен чин на агресија, силна повреда на меѓународното право, како и сериозен удар на демократските принципи врз кои се темели светскиот безбедносен поредок. Во таа смисла, министрите за надворешни работи изразија цврста поддршка за политичката независност на Украина, нејзиниот суверенитет и територијален интегритет, во рамки на меѓународно признатите граници, се додава во соопштението на МНР. сп/

Остани поврзан