• недела, 17 ноември 2024

Османи го промовираше новиот Б6 формат - состанок на шефовите на дипломатиите на земјите од регионот

Османи го промовираше новиот Б6 формат - состанок на шефовите на дипломатиите на земјите од регионот
Скопје, 30 јуни 2021 (МИА) - Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, вечерва во Охрид, под мотото: „Мудро е да имаш добри односи со соседите, но вистинска победа е да ги имаш за пријатели“, ја промовираше новата регионална иницијатива „Б6“ и беше домаќин на првата неформална вечера на министрите за надворешни работи од регионот и нивните претставници. -Намерата да се воспостави неформален „Б6“ формат на состаноци на министрите одговорни за надворешни работи беше за да се придонесе кон продлабочување на соработката и врските меѓу нас во областите на европската интеграција и областите од заеднички интерес. За да можеме да ги искористиме придобивките од засилениот политички дијалог меѓу ЕУ и Западен Балкан, ќе треба да ја интензивираме нашата меѓусебна координација за клучните области од заеднички регионален интерес, истакна Османи. Како што соопшти МНР, останатите министри и учесници го поздравија формирањето на форматот Б6, карактеризирајќи го како  корисна рамка за нивна меѓусебна координација. Беше заклучено, да се состануваат неформално во редовни интервали - барем еднаш во семестар, стремејќи се да зборуваат со еден глас како регион наспроти ЕУ. Османи, го иницираше отпочнувањето на неформалната платформа за политичка соработка– Балкан 6 (Б6), во формат на министри за надворешни работи, со цел продлабочување на соработката и врските меѓу земјите од регионот во области од заеднички интерес. Состанок, кој треба да прерасне во форум за поедноставна, брза и непосредна комуникација на министрите за надворешни од регионот ќе биде налик на сличните форуми во рамките на европските земји, како што се Ц5 или В4, информираат од МНР. ев/вј/

Остани поврзан