• вторник, 05 ноември 2024

Османи: Го продолжуваме заветот на Мајка Тереза за љубов, разбирање, почит и толеранција

Османи: Го продолжуваме заветот на Мајка Тереза за љубов, разбирање, почит и толеранција

Скопје, 01 септември 2023 ( МИА) - Министерот за надворешни работи Бујар Османи, во рамки на официјалната посета на Индија, положи цвеќе на гробот на Мајка Тереза во Калкута, изразувајќи најдлабока почит и гордост дека „најисклучителната жена во светот - светицата на целиот свет доаѓа токму од нашата земја“. Тој ја посети и црквата каде што Мајка Тереза го помина најголемиот дел од животот, кој не бил само нејзин дом, туку и дом на многу беспомошни и помалку привилегирани, соопшти МНР.

-Сведочејќи како изгледал нејзиниот живот, скромноста на една толку голема личност не остава никого индифирентен и без чувство на одговорност кон нејзиното наследство и мисија – да се помогне на најранливите и да се нахранат и најсиромашните, но не само со леб, како што знаеше таа да каже, туку и со љубов и почит, рече Османи на средба со сестрите на милосрдието, кои ја продолжуваат мисијата на Светата Тереза.

Министерот ги истакна и  нејзините дела кои извираат историјата, културата и вредностите  кои  биле длабоко врежани во неа и на кои треба постојано да се потсетуваме - почит и толеранција.

- Од нејзиниот живот е очигледно дека Мајка Тереза се придржувала до екстремна флексибилност и приспособливост во однос на различните култури и етнички групи, карактеристики кои сум сигурен дека биле длабоко врежани во неа и во начинот на кој била воспитувана уште од најрана возраст од нејзиното семејство во Скопје. Овој концепт ги надмина и продолжува да ги премостува бариерите на религијата и етничката припадност и ги нагласува идеите за толеранција и хармонија во однос на сите различности, нагласи Османи.

На агендата на Османи се и средбите со градоначалникот на Калкута, Фирхад Хаким, како и со претседателката на Инвестицискиот Самит на Западен Бенгал, Вандана Јадав. љм/са/

Фото: МНР

 

Остани поврзан