Османи во официјална посета на Обединети Арапски Емирати
- Шефот на дипломатијата Бујар Османи од денеска престојува во дводневна официјална посета на Обединетите Арапски Емирати на покана на неговиот домаќин, министерот за надворешни работи и меѓуна
Како што соопшти МНР, на првиот ден на посетата во Дубаи, Османи ќе има средба со државната министерка за меѓународна соработка Реим бинт Ебрахим Ал Хашеми, која е одговорна за меѓународна, развојна и техничка помош и главен управен директор на „Дубаи Експо“, како и со министерот за надворешна трговија Тани Ахмед Ал Зејуди.
Утре, на вториот ден од посета Османи во Абу Даби, ќе се сретне со неговиот колега, Шеик Абдула бин Зајед Ал Нахјан, со кого се очекува да разговара за теми поврзани со билатералните односи и можностите за интензивирање на соработката во областите од заеднички интерес.
Во рамки на посетата, предвидено е министерот Османи да се сретне и со министерот за толеранција и соживот Шеик Нахјан Мубарак Ал Нахјан, државниот министер за економска диверзификација и економска дипломатија, Ахмед Али Ал Сајег и со извршниот директор на Меѓународниот центар за спротивставување на насилниот екстремизам и радикализам Хедаја, Ахмед Ал Касими.
Османи, исто така, ќе учествува на свеченото отворање на Меѓународната изложба и конференција во областа на одбраната за регионот на Блискиот Исток и Северна Африка - ИДЕКС 2021 во Абу Даби, на која ќе учествуваат над 100 земји и корпорации, а оваа година прв пат и Северна Македонија и Израел.
За време на посетата, се предвидува потпишување на неколку билатерални документи со кои ќе се дополни нормативно-правната рамка меѓу Северна Македонија и Обединетите Арапски Емирати, а Османи ќе го посети и Павилјонот на Северна Македонија на „ЕКСПО 2020 Дубаи“, кој ќе се отвори во октомври оваа година.
Ова е прва официјална посета на министер за надворешни работи на земјава на ОАЕ по воспоставувањето на дипломатските односи. сп/лв/