• понеделник, 23 декември 2024

Ослободена мечка уловена во стапица кај Дебарски Бањи

Ослободена мечка уловена во стапица кај Дебарски Бањи

Скопје, 25 август 2024 (МИА) - Тим од Зоолошка градина Скопје во соработка со Инспекторот за ловство денеска ослободиле возрасна кафена мечка (женка) фатена во стапица за диви свињи. Како што информира Центарот за управување со кризи (ЦУК), мечката била ослободена од сајла околу градниот кош во месноста Пијане во близина на Дебарски Бањи.

-Тимот од Зоолошка градина Скопје заедно со Инспекторот за ловство излегле на местото, со специјално средство ја успале исплашената мечка која била фатена со сајла околу градниот кош, ја ослободиле од стапицата и и ги исчистиле раните од сајлата кои не биле големи. Откако се освестила од опојнито средство, мечката заминала, информира ЦУК.

Екипата на ЗОО-Скопје, во која биле биолог Јорданчо  Милошевски и ветеринарниот техничар Сашо Панчев, на повик на главниот инспектор за ловство, Зоран Вуиќ, рано наутро денеска се упатиле на локацијата каде што мечката била заробена. Целата интервенција се одвивала во присуство на полицајци од Полициската станица Дебар.

ЦУК посочува дека интервенирале вработени од Зоолошката градина затоа што се уште не е формиран интервентниот тим на државно ниво за справување со големи цицачи односно неговото формирање е во завршна фаза.

-Благодарност до полицијата,  ловочуварската служба на ловиштето Канеш Стогово и месното население. Посебно голема благодарност до тимот од Зоолошка градина Скопје кои на стручен начин успеаја да ја спасат мечката уловена во стапица, наведува Центарот за управување со кризи. хс/лв/

Фото: ЦУК 

Остани поврзан