• среда, 06 ноември 2024

Ортега обезбеди реизбор за четврти мандат на изборите во Никарагва

Ортега обезбеди реизбор за четврти мандат на изборите во Никарагва
Манагва, 8 ноември 2021 (МИА) - Претседателот на Никарагва, Даниел Ортега обезбеди реизбор за четврти петгодишен мандат на изборите, кои Вашингтон ги опиша како „комедија“.
Избирачките места се затворија синоќа во 18.00 часот по локално време, а првите официјални резултати се очекуваат во текот на денот.
Како што пренесуваат странските медиуми, стапката на излезност може да ја покажевистинската слика за тоа колку граѓаните на Никарагва биле за 76-годишниот Даниел Ортега и неговата сопруга Росарио Муриљо (70), потпретседателка од 2017 година, кои заедно се кандидираа за претседател и за потпретседател. Соединетите Американски Држави остро ги осудија изборите. „Она што денеска го организираа претседателот на Никарагва и неговата сопруга Муриљо беше пантомима на избори кои не беа ниту слободни, ниту фер и секако не беа демократски“, рече американскиот претседател Џо Бајден во изјавата објавена од Белата куќа за изборите кои ги окарактеризираа како „комедија“. Опозицијата, чии лидери се или во притвор или во егзил, организираше демонстрации од околу илјада луѓе во Сан Хозе, главниот град на Костарика, каде што се засолниле повеќе од 100.000 Никарагванци.
Опозицијата имаше само еден повик до гласачите - да останат дома. Според анкетата на Сид-Галуп, доколку имале избор, 65 отсто од регистрираните 4,4 милиони гласачи би гласале за кандидатот на опозицијата наспроти 19 отсто за претседателот во заминување. Од јуни досега се уапсени 39 политички личности, бизнисмени, студенти и новинари, вклучително и седум кандидати кои би можеле да претставуваат закана за Ортега на изборите. На 2 јуни прва беше уапсена фаворитката на опозицијата во анкетите, Кристијана Чаморо (67), ќерка на поранешната претседателка Виолета Чаморо (1990-1997). На 2 јуни ѝ беше одреден домашен притвор. Актуелниот 76-годишен претседател Даниел Ортега досега победи на претседателските избори во 1984, 2006, 2011 и 2016. Сопругата Муриљо се кандидираше за втор мандат. Главен ривал на овие избори беше Уставно-либералната партија ПЛЦ и нејзиниот кандидат Валтер Еспиноза, актуелен пратеник во Парламентот. Оваа партија имаше широка поддршка пред победата на Ортега на изборите во 2006 година, но изгуби дел од својата популарност поради корупциски скандали и сомнителни политички сојузи на следните избори. На парламентарните избори учествуваа 10 национални и шест регионални партии. Во земјата имаше 3.106 гласачки центри и 13.459 избирачки места. Логистиката за нив ја обезбедуваа армијата и Националната полиција, а безбедноста на избирачките места – специјално ангажирани службеници на Изборната полиција. Околу 250 меѓународни набљудувачи и 40 странски новинари од Северна и Јужна Америка, Европа, Азија и Африка, вклучително и делегации од Русија и Абхазија, ги набљудуваа изборите. паг/

Остани поврзан