• сабота, 09 ноември 2024

Оризопроизводителите од Кочанско на средба со градоначалниците од регионот добија поддршка за своите барања

Оризопроизводителите од Кочанско на средба со градоначалниците од регионот добија поддршка за своите барања
Кочани, 9 февруари 2022 (МИА) – Претставници од Одборот за заштита на оризопроизводството денеска се сретнаа со градоначалниците и претседателите на општинските Совети од источниот регион при што ја претставија актуелната состојба во која се наоѓаат и барањата што ги истакнаа на вчерашниот протест во Облешево. На состанокот, што се одржа во просториите на Општина Чешиново-Облешево, земјоделците и претставниците на локалната власт имаа конструктивна дебата со низа предлози и идеи, а за што оризопроизводителите добија целосна поддршка. -Иако ние, како локални самоуправи, немаме директна надлежност во оваа област, сметаме дека проблемите на земјоделците се и наши проблеми. Во нашата општина основна егзистенцијална дејност на семејствата е оризопроизводството и можеме само да претпоставиме што ќе се случи ако тие ги намалат површините или се откажат од производство. Оценивме дека барањата на земјоделците се оправдани, особено заложбата за откупната цена на оризовата арпа, која не треба да биде пониска од 40 денари за килограм. Тие нè информираа и за ставот за промена на сегашниот модел на организирање на водостопанското претпријатие, за барањето за повисоки ваучери за „зелена нафта“, како и за продолжувањето на рокот за интервентната финансиска помош со КОВИД мерките. Според нив, со рокот што беше до Нова Година, помош од по три денари за килограм предадена арпа зеле одвај 15 отсто од производителите на ориз, а откупена е само околу една петтина од минатогодишната реколта, истакна Далибор Ангелов, градоначалник на Чешиново-Облешево. На средбата се разговараше и за можностите со кои локалните самоуправи можат да им помогнат на земјоделците пред претстојната сеидба, а беше упатен заеднички апел до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство да не ги игнорира барањата на оризопроизводителите. та/мд/

Остани поврзан