• петок, 05 декември 2025

„Ордени и значки“ - нова книга од доајенот на книжевноста за деца Стојан Тарапуза во издание на „Матица македонска“

„Ордени и значки“ - нова книга од доајенот на книжевноста за деца Стојан Тарапуза во издание на „Матица македонска“

Скопје, 4 јуни 2025 (МИА) - „Матица македонска“ објави нова книга од доајенот на македонската книжевност за деца и млади, Стојан Тарапуза.

Книгата насловена „Ордени и значки“, е издание што има за цел на најмладите да им овозможи да растат со нова книга на нашево време од автор којшто веќе е класик на современата македонска книжевност, се наведува во рецензијата за книгата од македонски поет, есеист, критичар и преведувач Раде Силјан.

Тарапуза, додава Силјан, како автор непосредно комуницира со младите читатели – негови современици, освојувајќи ги со непосредноста и со силните поетски пораки. Таа негова едноставност беше забележана и од страна на критиката. Неговата песна е препознатлив глас на новото, модерно и технифицирано време.  

-Стојан Тарапуза спаѓа во редот на ретките македонски поети, кои во своите песни ја пресликуваат детската душа. Неговите дела со децении се задолжителна лектира во образованието на Република Македонија, а Тарапуза со децении е еден од македонските автори за чиишто дела има најголем интерес и кај самите деца. Во презентирањето на својата поезија, Тарапуза е спонтан и природен. Тој поседува ретка дарба за непосредна комуникација со читателите. Има вродено чувство за комуникација, но и долгогодишно искуство стекнато во изминатите плодни творечки години, кои сега, во својата напредна животна доба, ги пренесува на неговите следбеници, наведува рецензентот. 

„Орден и значки“ веќе е достапна за читателите во книжарниците на „Матица македонска. свс/вг/

Фото:  „Матица македонска“

Остани поврзан