Орбан: Украина не е подготвена за преговори за членство во ЕУ
- -Украина на ниту еден начин не е подготвена за преговори за пристапување во Европската унија. Ставот на Унгарија е јасен, а тоа е дека преговорите не треба да почнат, рече Орбан, пренесен од американските медиуми.
Будимпешта, 10 ноември 2023 (МИА) - Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска повтори дека не го поддржува почетокот на преговорите за членство на Украина во Европската унија, со што сигнализираше дека Будимпешта може да претставува пречка за амбициите на Киев да се приклучи на Унијата.
Европската комисија пред два дена препорача почеток на преговорите со Украина, а лидерите на ЕУ до декември треба да одлучат за официјалната покана за Киев. За ваква одлука потребна е едногласна поддршка од членките на Унијата.
Унгарија, како што посочи Орбан, не се согласува со тоа.
-Украина на ниту еден начин не е подготвена за преговори за пристапување во Европската унија. Ставот на Унгарија е јасен, а тоа е дека преговорите не треба да почнат, рече Орбан, пренесен од американските медиуми.
Владата на Орбан одби да испрати оружје во Украина за војната против Русија и се закани дека ќе ја блокира финансиската помош на ЕУ за Киев. Тој, исто така, ја обвинува Украина за кршење на правата на унгарското малцинство во Украина бидејќи ги ограничува нејзините членови да го користат мајчиниот јазик во училиштата.
Орбан негираше дека унгарското противење на пристапните преговори на Украина има некаква врска со тоа што Брисел го блокира финансирањето на Будимпешта поради наводно непочитување на стандардите за владеење на правото и човековите права.
Тој кажа дека унгарската Влада нема да прифати притисок од ЕУ да ја поддржи кандидатурата на Украина во замена за одмрзнување на фондовите на ЕУ.сд/
фото:МИА архива