• петок, 22 ноември 2024

Орбан промовира нова политичка група во Европарламентот за „преобликување на институциите на ЕУ“ 

Орбан промовира нова политичка група во Европарламентот за „преобликување на институциите на ЕУ“ 

Брисел, 1 јули 2024 (МИА) - Стартот на претседавањето со ЕУ, унгарскиот премиер Виктор Орбан го започна со најава за формирање нова десничарска политичка група во Европскиот парламент под името Патриоти за Европа. 

Основоположници на групата се национал-конзервативната и десно популистичка Фидес – Унгарска граѓанска алијанса на Орбан, националистичката и десно популистичка Партија на слободата на Австрија (ФПО) на поранешниот австриски министер за внатрешни работи Херберт Кикл и популистичката Акција на незадоволни граѓани (АНО) на поранешниот чешки премиер Андреј Бабиш. 

Фидес до 2021 година беше членка на десноцентристичката Европска народна партија (ЕПП), од каде беше исклучена поради отстапување од европските вредности и принципите на владеење на правото, ФПО досега беше членка на екстремно десничарската групација Идентитет и демократија (ИД), предводена од францускиот Национален собир (РН) на Марин ле Пен, додека АНО по минатомесечните Евроизбори ја напушти либералната група „Да ја обновиме Европа“, откако беше обвинувана од своите дотогашни сестрински партии за „скршнување в десно“ и за промоција на конзервативни и евроскептични ставови.   

Според најавата, новата група Патриоти за Европа ќе има за цел „да ги преобликува институциите на ЕУ“ и да го „промени на пристапот“ на Унијата кон миграцијата, зелените политики и војната во Украина. 

Извори од Фидес посочуваат дека кон групата ќе се приклучат „повеќе партии“, но не посочија конкретни имиња. Унгарски медиуми посочуваат дека кон Патриоти за Европа би можела да се приклучи и десно популистичката и националистичка партија Лига на италијанскиот вицепремиер и министер за инфраструктура и транспорт Матео Салвини, додека чешкиот весник „Новинки“ објави дека членка на групата би можела да стане и левата националистичка и популистичка партија Насока – Социјална демократија (СМЕР-СД) на словачкиот премиер Роберт Фицо, која беше суспендирана од Партијата на европските социјалисти (ПЕС) и групата Прогресивна алијанса на социјалистите и демократите (СД) поради формирањето Влада со екстремно десничарската Словачка национална партија (СНС).  

Шпекулаците за можноста за пристапување на партијата на Салвини кон Патриоти за Европа се подгреаја откако само неколку часа по промоцијата на новата група, Лигата ја поздрави иницијативата оценувајќи ја како „нова алтернатива за борба против деструктивната левица“. 

- Сакаме да го зголемиме опсегот на силна, патриотска и кохезивна група, која ќе се спротивставува на тајни договори, се наведува во соопштението на Лигата. 

Партијата посочува дека со ова се оствариле надежите на Салвини за „обединување на европските патриоти“, како и дека таа со години работи на здружување на „што е можно повеќе партии, кои имаат за цел да изградат поинаква ЕУ без левичарите кои ја уништија Европа во последниве години“ и  кои нема да го поддржат реизборот на Урсула фон дер Лајен на функцијата на претседателка на Европската комисија. 

- Соочени со ароганцијата на Брисел, кој се однесува како ништо да не се случило по гласањето на граѓаните и наместо да го чекаме исходот од француските избори потребно е повеќе од кога било да се обединат силите на оние кои сакаат да ја променат Европа и да понудат алтернатива на деструктивната левица, се додава во соопштението на Лигата. 

Салвини изминативе денови остро го критикуваше договорот меѓу ЕПП, социјалдемократите и либералите за поделба на водечките функции во ЕУ, нарекувајќи го „државен удар“. 

Извори во Лигата засега децидно ниту ги потврдуваат, ниту ги негираат шпекулациите за пристапување кон Патриоти за Европа, изјавувајќи само дека од претходно биле информирани за нејзиното формирање, што се толкува дека можеби партијата добила покана да биде една од нејзините основоположници, но не го прифатила тоа.

Како потенцијален член на Патриоти за Европа се посочува и германската десно популистичка Алтернатива за Германија (АФД), која неколку недели пред Евроизборите беше исклучена од групата ИД, по изјавите на носителот на нивната изборна листа Максимилијан Кра дека сите припадници на нацистичката Ес-Ес единица за време на Третиот Рајх не треба по автоматизам да се квалификуваат како воени злосторници, како и по скандалите за соработка на истакнати партиски членови со руските служби. 

- Бројот на членови на АфД се зголеми за 60 проценти од почетокот на минатата година и сега изнесува 46.880, рече Тино Хрупала пред околу 600 делегати на годишната партиска конвенција на АфД

По изборите АФД го исклучи Кра од освоите редови, со идеја да побара повторен прием во ИД, но по ставот на групата дека нема да прифатат назад партија која еднаш била исклучена, германските десничари најавија формирање сопствена група во Европскиот парламент. Иако, промоцијата на таа група неофицијално беше најавувана за минатата недела, тоа не се случи, па сега се посочува можноста АФД да се приклучи кон Патриоти за Европа.  

Портпаролката на германската партија, Алис Вајдел во коментар на формирањето на новата група на Орбан изјави дека „тоа отвора нови можности за АФД да соработува со другите партии“, не прецизирајќи дали тоа значи дека се подготвени за пристапување кон групацијата, туку само нагласи дека партијата „се уште не донела одлука за зачленување во некоја група“. 

АФД има блиски односи со ФПО, кој лобираше за нејзино враќање во нивната поранешна заедничка група ИД, но Орбан има резерви кон германската партија, оценувајќи дека е нејасно дали таа е „за или против Европа“. 

Инаку, група во Европскиот парламент може да формираат најмалку 23 пратеници, кои при тоа мора да доаѓаат од најмалку една четвртина од земјите членки на ЕУ или во сегашниот случај од најмалку седум. 

Засега е неизвесно дали Патриоти за Европа ќе го исполни овој услов за официјално да добие статус на посебна група, па ако тоа се покаже за потребно, можно е Орбан „да замижи“ во однос на резервите кон АФД и таа да стане дел од блокот на Фидес, ФПО и АНО.  

Од друга страна по исклучувањето на АФД, истапувањето на ФПО и можното преминување и на други нејзини членки кон Патриоти за Европа, ИД се соочува со опасност повеќе да не го исполнува услов да постои како посебна група и да се распадне. ИД во моментов има 52 европратеници од осум земји, од кои 30 се од францускиот Национален собир (РН) на Ле Пен. сп/

Фото: МИА Архива

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан