Општински пул
- Општински пул
24 ноември 2025
Битола - Градоначалникот на Општина Битола Тони Коњановски и секретарот на општината Борче Димитровски, учествуваа на Самит на градоначалници против антисемитизмот, кој се одржа во Париз.
Од секторот за односи со јавност на Општина Битола информираа дека на Самитот претседавала градоначалничката на Париз, Ан Идалго и ги обедени градските лидери, креаторите на политики и претставниците на заедниците, во нивната заедничка мисија за активно спречување и сузбивање на антисемитизмот во сите негови форми.
Во рамки на програмата, учесниците активно придонесоа во панел-дискусиите и работните сесии фокусирани на практични стратегии, успешни локални иницијативи и специфичните предизвици со кои се соочуваат општините при справувањето со омразата и дискриминацијата.
Градоначалниците и општинските лидери ги споделија своите практични искуства, политички пристапи и дискутираа за можностите за прекугранична соработка која може да ја зајакне едукацијата, безбедноста и довербата во заедницата.
За време на престојот во Париз, градоначалникот Коњановски и секретарот Димитровски остварија средба со амбасадорот на Македонија во Франција, Игор Николов, соопштија од Општина Битола.
Кочани - Основниот суд - Кочани ја одби жалбата на Обвинителството со барање за промена на домашниот протвор со ефективен затворски притвор за двајцата инспектори од УЈП, Д.П. и Д.Д., додека останатите деветмина осомничени се со определени мерки за претпазливост. Ова одлука на кочанскиот Основен суд е објавено денеска на нивната веб страница.
Советот од чл. 25 став 5 од ЗКП, при Основен суд Кочани постапувајќи по изјавените жалби од страна на ОЈО Кочани против решенијата на Судија на претходна постапка со кои спрема двајца осомничени им беше определена мерка за обезбедување присуство - Куќен притвор, ги одбил, изјавените жалби на ОЈО Кочани против истите и донесените решенија на Судијата на претходна постапка ги потврдил, стои во објавеното соопштение.
Инспекторите се осомничени дека земале поткуп и му давале информации на синот на газдата на дискотеката „Пулс“ за ненајавени контроли.
Скопје - Водата за пиење во Скопје е безбедна и квалитетна, потврдува неделниот лабораториски извештај на ЈП Водовод и канализација – Скопје.
Според анализите спроведени од Секторот за санитарна контрола во периодот од 17 до 21 ноември, сите испитани примероци одговараат на стандардите утврдени со Правилникот за безбедност и квалитет на водата за пиење.
Во наведениот период биле земени 211 примероци за физичко-хемиска и 211 примероци за микробиолошка анализа од 51 различно мерно место низ градот.
Резултатите покажуваат дека сите примероци одговараат на Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење.
Скопје - Во текот на минатата седмица, Еко-патролата при ЈП Комунална хигиена-Скопје реализираше работни средби со претставници на 102 стопански субјекти – маркети, ресторани, бурекџилници, слаткарници, кафетерии и бутици, со цел нивно запознавање и едукација за начинот на правилно одлагање на отпадот.
Како што информираат од претпријатието, во рамките на работните средби претставниците на Еко-патролата презентирале на кој начин и каде комуналниот отпад и отпадот од пакувања што се создаваат при работењето на овие стопански субјекти треба правилно и прописно да се одложат, со цел да се постигне максимална заштита на животната средина и јавното здравје, а воедно да се избегне и појава на оштетување или опожарување на садовите наменети за одлагање на отпадот.
Активностите на Еко-патролата при ЈП Комунална хигиена-Скопје ќе продолжат и во претстојниот период.
Скопје - јП Паркинзи на Општина Центар во соработка со Сообраќајната полиција-Скопје во периодот од 17.11. до 23.11.2025 година, со помош на специјалните возила „Пајак“ отстранија 134 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот.
-За трајно решение на сообраќајниот метеж и проблемот со неправилното паркирање неопходна е поголема сообраќајна култура, затоа ЈП ПОЦ и СВР Скопје во наредниот период ќе продолжат со секојдневно отстранување на сите непрописно и несовесно паркирани автомобили во Општина Центар со цел да се подигне сообраќајната свест на повисоко ниво и да се зголеми безбедноста во сообраќајот, се наведува во соопштението од ПОЦ.