Општински пул
- Општински пул
27 октомври 2025
Берово – Општинската изборна комисија во Берово денеска им ги додели уверенијата на новоизбраниот градоначалник и на членовите на Советот на Општина Берово, избрани на локалните избори одржани на 19 октомври.
За нов градоначалник на Берово е избран Петар Ружински, кој во своето обраќање изрази благодарност до граѓаните за укажаната доверба и истакна дека ќе работи во интерес на подобар и поквалитетен живот за сите жители на општината.
– Ќе бидам градоначалник кој ќе работи за сите, со цел развој на Берово како модерен и хуман град, со подобри услови за живеење, образование и развој на туризмот, рече Ружински.
Општинската изборна комисија им ги врачи уверенијата и на новите членови на Советот на Општина Берово. Нови советници се: Владко Шахпаски, Горан Ружински, Емилија Пачемска, Николчо Беќарски, Игорчо Жежовски, Весна Ралповска, Емилија Галабовска Биљарска, Влатко Чукарски, Даниел Черговски, Гоце Ружински, Зоран Багашовски, Тања Шенковска, Лилјана Бојчовски, Маја Тушевска и Илија Цикарски.
Претседателот на Општинската изборна комисија, Драган Страторски, им честиташе на избраните претставници и им посака успешна работа и реализација на што поголем број проекти.
Куманово - Зафатени се речиси сите термини за вакцинација против сезонски грип до крајот на неделава во Центарот за јавно здравје Куманово, информираа денеска епидемиолозите. Минатата недела петстотини кумановци се вакцинирале против сезонски грип.
- Заинтересираноста е голема, исто како и претходните години. Оние кои се под ризик, хронично-болните, лицата над 65 години го разбираат концептот на вакцинацијата. Набавивме 1 800 вакцини за овие лица, изјави д-р Јадранка Стаменковска, епидемиолог од ЦЈЗ Куманово.
Термините се закажуваат преку матичните лекари, а дел од заинтересираните и преку веб-страницата со поддршка на помладите членови на семејствата. Вакцината е набавена од холандски производител, наменета за северната хемисфера. Како што објаснува д-р Стаменковска, имунитетот се стекнува од две до три недели по имунизацијата.
Вакцинацијата против сезонски грип, објаснуваат кумановските лекари, е најефикасна мерка за превенција на грип, која спречува појава на потешки форми и хоспитализација. Докторите препорачуваат дека е важно да се вакцинираат здравствените работници, оние кои имаат контакти со повеќе луѓе, шалтерски работници, вработени во поголеми фабрики.
Тетово - Тетовската вода за пиење има исправни физичко-хемиските параметри, но до среда треба да се дознаат микробиолошките резултати од испитувањата за квалитетот по целосниот прекин во водоснабдувањето поради голема заматеност.
Ова е првичниот став од Одделението по хигиена и здравствена екологија при Центар за јавно здравје Тетово од каде препорачуваат граѓаните до среда да ја превриваат водата ако ја користат за пиење.
-Првичните резултати од анализата на водата влеваат оптимизам, заматеноста е намалена и е во рамките на дозволените граници, редовно се хлорира и ова дава надеж, а го велам и врз основа на добиените резултати но и врз моето досегашно искуство, дека и биолошките параметри, кои треба да бидат готови во среда, ќе бидат во границите на дозволеното. Сепак препорачувам додека не пристигнат и тие податоци, водата од градскиот водовод да препорачувам да водата од градскиот водовод да не се користи за пиење туку само за техничка употреба. Препорачувам користење на флаширана вода или ако се користи водата од градскиот водовод да се преврие најмалку 10 минути, информира д-р Ратко Давидовски, раководител на Одделението за хигиена и здравствена екологија при Центар за јавно здравје Тетово.
Струмица - Со ставање на значката со амблемот на Струмица досегашниот градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов му ја предаде функцијата на новоизбраниот Петар Јанков со што од денеска тој и официјално е градоначалник на Струмица, откако претпладнево од ОИК му беше врачено и уверението.
Во изјавата за медиумите Јанков истакна дека во следниот период, како што било ветено во изборната програма, се посветува на чесна и посветена работа за Струмица.
-Овие денови се планирани средби со раководителите и директорите на јавните претпријатија, да поразговараме во каква ситуација сме и во кој правец ќе се движиме понатаму, рече Јанков.
Досегашниот градоначалник, Костадин Костадинов му посака успешна работа на Јанков.
-Јас денеска во мое лично име сакам да честитам на мојот политички наследник како градоначалник на Општина Струмица, Петар Јанков, да му посакам плоден и успешен мандат, да му посакам многу храброст, истрајност и најважно од се трпение и автономност во одлуките коишто верувам и сум оптимист дека ќе бидат за доброто на сите во нашата Општина Струмица, изјави Костадинов.
Делчево – Николчо Стојменовски, доктор по ветеринарна медицина, е избран за нов претседател на Советот на Општина Делчево на денешната Конститутивна седница што се одржа во мултифункционалниот центар на општината.
Во своето прво обраќање како претседател, Стојменовски се заблагодари на довербата од советниците и истакна дека новиот состав на Советот со конструктивна, посветена и искрена работа ќе даде значаен придонес во развојот на Општина Делчево. Тој порача дека конституирањето на новиот состав претставува нов почеток, нова енергија и нови предизвици, но и голема одговорност за сите избрани советници.
-Заедничката работа на Советот и градоначалникот придонесува за добри резултати. Сите заедно да работиме за една иста цел – интересот на нашите сограѓани и на Делчево. Нема ваши и наши проекти, има само добри и лоши идеи. Сите добри идеи ќе ги преточиме во вистински проекти за интересите на Делчево. Ве повикувам на заедништво и сплотеност, бидејќи Делчево е наш заеднички дом, истакна Стојменовски.
Конститутивната седница на Советот ја отвори досегашниот претседател Гоце Попов, а по него со водењето продолжи највозрасниот советник, Горан Димитровски. На седницата беа верификувани мандатите на петнаесетте новоизбрани советници, кои дадоа свечена изјава и официјално го започнаа својот четиригодишен мандат.
Куманово - Кумановската полиција лиши од слобода двајца фудбалери на клубот „Беса“ од липковско Слупчане, бидејќи физички нападнале играчи од гостинскиот клуб „Аеродром“ од Скопје, соопшти денеска СВР Куманово.
- Вчера во 18:30 часот, полициски службеници од СВР Куманово ги лишија од слобода О.Д.(32) и Е.А.(18), двајцата од Куманово, играчи на фудбалскиот клуб „Беса“ од село Слупчане, општина Липково, затоа што на фудбалски натпревар во село Слупчане физички нападнале играчи од гостинскиот клуб ФК „Аеродром“ од Скопје, соопшти СВР Куманово.
Полицијата презема мерки за откривање на сите инволвирани и за целосно расчистување на случајот, по што против лицата ќе бидат поднесени соодветни пријави.
Битола - Универзитетот „Св. Климент Охридски“ преку иницијативата УКЛО КОЛОРС промовира Мобилна инфо станица, простор што ќе биде користен за воспоставување директни соработки со граѓаните.
Во изјава за медиумите, професор д-р Рената Петреска Нечкоска, академски раководител на УКЛО КОЛОРС, истакна дека со отворањето на физички простор како колаборативен центар кој се наоѓа во Студентски информативен центар (СИЦ) во Битола, ќе се развива поголема соработка.
-Во СИЦ при УКЛО во Битола има простор за работилници, библиотека и други услови кои овозможуваат блиска соработка со сите институции, со невладиниот сектор, бизнисите и образовните институции. Мобилниот простор овозможува поголема блискост и затоа го поставивме на Широк Сокак. Токму тука студентите може да се информираат за вклучување во организациски активности на КОЛОРС Алијанса, а потоа да дејствуваат и да бидат хонорирани за својот ангажман. Студентите може да пристапат во сите организациски структури и тела на Алијансата, работни пакети и други можности како поиновативен крој на академијата или европскиот Универзитет на иднината, нагласи Петреска Нечкоска.
Мобилната инфо станица на УКЛО КОЛОРС во Битола овозможува студентите да се информираат за плодовите од членувањето на битолскиот Универзитет во Алијансата.
Пехчево - Во Пехчево денеска од страна на Општинската изборна комисија беа свечено доделени уверенијата за мандат на градоначалникот Александар Китански и на членовите на Советот на Општина Пехчево. Со ова, официјално почнува новиот мандатен период на локалната власт во општината.
Во своето обраќање, градоначалникот им се заблагодари на граѓаните за укажаната доверба и истакна дека ќе работи посветено, одговорно и транспарентно за да ги реализира приоритетите во интерес на сите жители.
-Ова е момент на одговорност и можност за Пехчево. Заедно со Советот ќе отвориме ново поглавје - со почитување на изборната волја, со отворен дијалог со граѓаните и со акција за реализирање на конкретни проекти, изјави Китански.
Од Општинската изборна комисија беше истакнато дека со денешното доделување на уверенијата завршува изборниот процес во Општина Пехчево и дека избраните претставници официјално можат да ги преземат своите функции, во согласност со законските процедури.
Во контекст на локалната самоуправа, новоизбраниот Совет на Општина Пехчево, составен од претставници на повеќе политички субјекти, ќе има задача да обезбеди ефективна соработка со градоначалникот и да ја унапреди транспарентноста, отчетноста и ефикасноста на општинските служби.
Меѓу приоритетите што ги најави градоначалникот се подобрување на локалната инфраструктура, поддршка на младите и на локалниот бизнис, развој на туризмот и заштита на животната средина.
Куманово - Граѓаните да практикуваат прошетки преку ден додека има сончеви периоди и да внимаваат на исхраната, препорачуваат кумановските доктори како заштита од евентуални последици по здравјето од промената од летно кон зимско сметање на времето.
- Повеќето граѓани не ја чувствуваат промената веднаш, особено кога се добива еден час повеќе одмор. Сега, со пократки денови, препорачливо е редовно внесување на витамин Д, изјави д-р Дарко Каранфиловски, специјалист по општа медицина во Ургентниот центар Куманово.
Здравствените работници оценуваат дека промената од летно во зимско сметање на времето генерално има помали здравствени последици, бидејќи на организмот му се овозможува еден час повеќе сон. Сепак, предупредуваат на можни влијанија врз менталното здравје и расположението, особено поради скратениот ден и намалената изложеност на сончева светлина.
Зимското сметање на времето секогаш започнува последната недела од октомври
Велес – Дежурната служба на „Македонија пат“ утрово околу 7 часот по добиената информација за кратко време ги расчисти поситните одрони од карпа паднати на автопатот Скопје-Велес, пред тунелите кај Башино Село, информира за МИА, Божидар Цветковски технички раководител на Подружницата Автопат на „Македонија Пат“.
Тој воедно со фотографија од терен демантира некои медиуми кои утрово известија за голем одрон од карпа на овој дел од автопатот Скопје-Велес кај Башино Село.
Од Автомото сојузот на Македонија информира дека по расчистување на одрон, повторно е нормализиран сообраќајот на двете коловозни ленти на автопатот Скопје-Велес пред тунелите кај Башино Село. Поради одронот на левата коловозна лента, сообраќајот кратко време се одвиваше само по десната коловозна лента.