• понеделник, 25 ноември 2024

Општинскиот Црвен крст од Кочани доби нови простории

Општинскиот Црвен крст од Кочани доби нови простории

Кочани, 4 октомври 2024 (МИА) – Општинската организација на Црвен крст – Кочани од денеска почнува со работа во нови простории, лоцирани во централното градско подрачје, во близина на зградата на Општина Кочани.

На површина од околу 130 метри квадратни обезбедeни се приемен простор, две канцеларии, сала за состаноци, сала за предавања и обуки, магацински простор и мала кујна со санитарен јазол.

На свеченоста по повод предавањето во употреба на просториите присуствуваа генералниот секретар на македонскиот Црвен крст, Саит Саити, претставници од локалните самоуправи во регионот во кој дејствува општинската организација, соработници и волонтери на Црвен крст и граѓани.

- Горди сме што општинската организација во Кочани доби нови простории што се симбол на солидарноста на институциите, граѓаните, волонтерите и сите добронамерни луѓе кои придонесоа да создадеме современи услови за работа. Тоа беше потреба и желба на вработените, волонтерите и на жителите од регионот кои ги користат нашите услуги, а ние ветуваме дека ќе продолжиме да работиме за доброто на граѓаните. Во наредните период услугите ќе бидат дизајнирани и збогатени со дополнителни содржини што би биле многу посеопфатни и поадекватни на потребите на луѓето, а тоа ќе го правиме во заедничка соработка, истакна генералниот секретар Саити.

За купување на просторот и за опремување со мебел и друга опрема инвестирани се околу 12 милиони денари, што Општинската организација на Црвен крст – Кочани главно ги обезбеди од сопствениот буџет, како и со поддршка од бизнис секторот, локалните самоуправи од регионот и од македонскиот Црвен крст.

Освен новите простории, Црвен крст – Кочани ќе продолжи да ги користи и досегашниот простор во кој ќе се изведуваат придружни активности и акциите за доброволно крводарување. та/цр

фото: МИА

Остани поврзан