Општина Штип повика училиштата доследно да ја почитуваат реонизацијата за првачињата
- Во Општина Штип годинава доследно ќе се почитува реонизацијата за првачињата. Директорите нема да потпишуваат барања за трансфер во други училишта, од причина што Општинското основно училиште
Штип, 19 мај 2022 (МИА) - Во Општина Штип годинава доследно ќе се почитува реонизацијата за првачињата. Директорите нема да потпишуваат барања за трансфер во други училишта, од причина што Општинското основно училиште „Гоце Делчев“, Општина Штип и Министерството за образование и наука се соочија со претставки и тужби за дискриминација и сегрегација, поради формирање чисти ромски паралелки.
Две тужби има пред македонските судови и во Стразбур. Директорот на ООУ „Гоце Делчев“-Штип, Трајче Димов, рече дека фактичката состојба покажала дека имаат чисти ромски паралелки.
-Велам наводна дискриминација, затоа што по сите увиди се констатира дека тоа е реалната ситуација. Кога во уписна година ќе ви се запишат десетина деца од македонскиот ентитет и некаде над 60 или 70 дечиња од ромскиот ентитет, вие едноставно не можете на никој начин да ги формирате паралелките, изјави Димов.
Посочи дека Хелсиншкиот комитет за човекови права констатирал дека има дискриминација, но не по вина на раководството на училиштето. Ова е првото модерно и дигитализирано училиште, единствено со целодневна настава и со квалитетен наставен кадар во Штип. Но одредени родители и понатаму бараат начини како да ги запишат своите деца во други училишта, а не во ова училиште. Еден од начините е промена на адресата на живеење.
Димов вели дека такви информации имаат и тие, кои во моментов не се потврдени, и затоа побарале и испратиле допис до СВР-Штип да направат проверка дали се прават промени на адресите на живеење од страна на родителите.
Комисијата за заштита од дискриминација во февруари годинава по претставка поднесена од Европскиот центар за правата на Ромите донесе и општа препорака реонизацијата во сите општини строго да се почитува, директорите да не ги потпишуваат барањата, а Министерството за образование и наука да ги зајакне критериумите за префлување од еден во друг реон. вдј/хс/