• вторник, 14 мај 2024

Општина Тетово отстрануваше киосци, полицијата не беше присутна за асистенција

Општина Тетово отстрануваше киосци, полицијата не беше присутна за асистенција

Тетово, 25 декември 2023 (МИА) - Општинскиот инспекторат денес отстрани десетина времени објекти-бараки на улицата „Димо Гавровски-Кара“ во Тетово, но притоа упати критика до СВР Тетово дека одбиле да испратат асистенција при извршување на овие работи. 

Додека новинарските екипи беа присутни на настанот немаше проблеми, а најголем дел од бараките беа веќе претходно испразнети.

- Власта не соработува со Општина Тетово. Ние уште пред 10 денови побаравме од МВР асистенција за поддршка на нашите акции за чистење на градот, но од таму во петок ни пратија писмо и ни кажаа дека не се во можност да ни асистираат. Тоа што е најважно, велат дека не биле во можност да асистираат поради безбедносни причини. Замислете, органите за безбедност во градот велат дека поради безбедносни причини не можат да ни асистираат. Ние веќе две години кажуваме дека власта не соработува со Општината, а ова денес е конкретен пример за тоа. За среќа отстранувањето на бараките одеше без никакви проблеми. Советот на Општина Тетово има донесено одлука да се отстранат сите бараки и времени објекти кои се поставени без дозвола и затоа оваа акција ќе продолжи и понатаму, изјави Седат Сулејмани, раководител на општинскиот инспекторат.

Сулејмани рече дека нема информации што ќе има на местото на овие бараки. Истакна дека во досегашните акции тргнати се околу десетина бараки и киосци, а се планирани уште 20 такви објекти да се отстранат.

На новинарско прашање дали ќе се отстрануваат голем број импровизирани тезги, Сулејмани со одговор дека сите места кои се имот на општината ќе се ослободат како јавна површина.

Во текот на месецот општинскиот инспекторат отстрани киосци кај плоштадот и кај судот. ас/мд/

фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан