• недела, 22 декември 2024

Општина Струмица вклучи дваесет деца со надмината возраст во образовниот процес

Општина Струмица вклучи дваесет деца со надмината возраст во образовниот процес
Струмица, 31 мај 2022 (МИА) - Општина Струмица вклучи дваесет деца со надмината возраст во редовниот воспитно - образовен процес преку грант од Детската фондација „Песталоци“. Се работи за деца од кои најголем дел се на возраст од 7 до 12 години, кои од најразлични причини не биле вклучени во образованието, односно кога требало да бидат запишани најчесто нивните родители заминале во странство. -Откако децата се идентификуваат тие се запишуваат согласно Правилникот донесен од Министерството за образование и наука за децата со надмината возраст, информираа од Секторот за образование при Општина Струмица. Оттаму додаваат дека со општинските политики во оваа област и понатаму ќе се настојува овие деца да бидат дел од редовниот воспитно образовен процес и затоа се обезбедени повеќе услуги и поддршка. На денешниот завршен настан од проектот „Инклузија на децата кои се надвор од училиштата во образовниот систем“, кој го организираше Општината во соработка со Домот за деца и млади и локалната библиотека, а на кој децата цртаа на тема „Јас имам сон“, присутвуваше и градоначалникот Костадин Костадинов. Тој истакна дека локалната самоуправа обезбедува повеќе бесплатни услуги во кои ќе бидат вклучени и овие деца. Тие се бесплатен училишен прибор на почетокот на секоја учебна година за учениците од социјален ризик, обезбедување униформи за учениците од прво одделение, обезбедување финансиска помош во висина од 2.000 денари за родители кои прв пат ги запишуваат децата во прво одделение во учебната 2022/2023 година, 20 стипендии за деца со надмината возраст од 1.000 денари месечно во времетраење од девет месеци во една учебна година, како и организирање подготвителна настава по македонски јазик за ученици со друг мајчин јазик. рт/свс/

Остани поврзан