• понеделник, 23 декември 2024

Општина Охрид воведе електронска наплата на данок

Општина Охрид воведе електронска наплата на данок
Охрид, 27 јуни 2022 (МИА) – Сопствениците на имот и други обврзници на локални даноци и такси кон Општина Охрид од денеска сметките ќе можат да ги регулираат преку новиот систем на електронска наплата, информира градоначалникот Кирил Пецаков. Со овој проект, како што истакна на денешната прес-конференција, општината ја започнува ерата на дигитализација на своите услуги. - Дигитализацијата на Општина Охрид е нужна потреба и во целиот мој мандат ќе зазема приоритетно место. Токму денеска, го промовираме едниот дел од дигитализацијата на Општина Охрид, а тоа е е –даноци, рече Пецаков. Тоа, појасни, значи дека сите сопственици на имот и други обврзници по основ на локални даноци и такси свои обврски кон Општина Охрид ќе може да ги регулираат на најбрз и најекономичен начин преку новиот систем за електронска наплата. Решенијата за комунална такса, додаде градоначалникот, ќе се доставуваат исклучиво електронски преку официјалните маил адреси на фирмите, доставени во Централен регистар. - Овој зафат го реализиравме со минимални торошоци и максимални заштеди, приклучувајќи се помеѓу првите во Македонија на националната е-ЛСГ платформа, поставена во рамките на проектот „Дигитализација на услугите на локалната самоуправа“, имплементиран под покровителство на УНДП и ФИТР, посочи Пецаков. Дигитализацијата на општинските услуги, подвлече градоначалникот, ќе продолжи со унапредувањето на општинскиот информационен систем со овозможување на електронско следење на сатусот на предметите од страна на граѓаните, како и проектот за воведување напреден виртуелен едношалтерски систем. - Со преземените чекори, Општина Охрид ќе се етаблира како високо транспарентна и ефикасна администрација не само на нацинално ниво, туку и пошироко во регионот, подвлече Пецаков. Даночните обврзници на Општина Охрид, кои своите обврски сакаат да ги регулираат по електронски пат потребно е да се најават на edanoci.ohrid.gov.mk и бесплатно може да ги користат електронските услуги: проверка на доспеан данок по основ на локален данок на имот, проверка на данок по основ за комунална такса за фирма, електронско плаќање на доспеаните локални даноци и комунални такси, еден кориснички профил за сите локални даноци на име на корисникот, плаќање со било која картичка од било каде 24 часа на ден. сс/дма/

Остани поврзан