• понеделник, 23 декември 2024

Општина Крива Паланка започнува со регистрирање и проценка на недвижен имот

Општина Крива Паланка започнува со регистрирање и проценка на недвижен имот
Крива Паланка, 21 март 2023 (МИА) - Под мотото „Мој данок, моја општина", локалната самоуправа на Општина Крива Паланка започнува процес на регистрирање и проценка на недвижен имот што ќе отпочне од април годинава и ќе трае неколку месеци, период во кој општински тимови проценители ќе ги посетат граѓаните за да добијат неопходни податоци околу регистрирање и проценка недвижен имот.
 
-Сопствениците на имот при посетата од општинските тимови за спроведување на оваа законска обврска потребно е да приложат документи за лична идентификација и документи за сопственост на недвижниот имот. Новоизградените објекти, вклучувајќи ги и бесправно изградените објекти се законски предмет на оданочување.Целта на целиот процес на регистрирање и проценка на недвижниот имот е утврдување на фактичката состојба на имотот, евидентирање на промените кои се случиле и праведно формирање на даночната основа, информира службата за комуникација со јавност на Општина Крива Паланка.
 
Од општината посочија дека преку кампањата „Данок на имот за поубава и поразвиена Крива Паланка“ ќе го отпочне процесот на проценка  и регистрирање: новоизградени објекти, доградби, надградби, градежно земјиште и останато за наплата на данок на имот со цел евидентирање и процена на недвижен имот за праведно формирање на даночна основа.
 
-Финансиските средства собрани на едно место од локалниот данок како давачка од страна на физички и правни лица се слеваат директно во општинските инфраструктурни објекти од интерес на граѓаните. Локалниот данок на имот е должност на секој граѓанин. Данокот е влог во развојот на општината и подобра иднина на сите граѓани. Плаќањето на данокот е должност на секој граѓанин-даночен обврзник, но во исто време и придонес на поедниецот за градење на подобра иднина на општината, додаваат од општината.ид/лв/
 

Остани поврзан