Општина Кисела Вода: Избран концепт за хумано домување наместо бетонизација на Расадник
- Два од вкупно пет пристигнати труда освоија еднаков максимален број на поени и рамноправно го поделија првото место на Меѓународниот конкурс за идејно решение за ДУП Расадник во Општина Кисела Вода.
Скопје, 21 ноември 2023 (МИА) – Два од вкупно пет пристигнати труда освоија еднаков максимален број на поени и рамноправно го поделија првото место на Меѓународниот конкурс за идејно решение за ДУП Расадник во Општина Кисела Вода.
Се работи за проекти на проектантска куќа од Хрватска, AG PLANUM doo и од група архитекти од Грција, предводени од Alexios Tzompanakis, за кои одлучуваше стручната меѓународна жири комисија. Третото место го освоија Team PUPA, Life over space, од Литванија, а беше откупен и еден труд од професори и студенти од Меѓународен Балкански Универзитет од земјава.
-Сите заедно сме сведоци на почетокот на новата ера на владеење на правото во општина Кисела Вода и на транспарентно водење политики во служба на граѓаните. Денес финализираме проект кој претставува своевидна револуција во урбанистичко-архитектонското делување во Македонија бидејќи тој овозможи одговорно, транспарентно, стручно и хумано планирање на изгледот на урбаната заедница Расадник, рече градоначалникот на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски кој беше иницијатор на конкурсот.
За првпат после изборот на планот на Кензо Танге за обнова на постземјотресно Скопје во 1965 година, додаде, Општина Кисела Вода распиша Меѓународен конкурс за избор на идејниот лик на ДУП-от за Расадник и денес ги имаме резултатите.
-Расадник навистина ќе биде заштитен од бетонизација и избраното решение навистина ќе оневзможи изградба на стотици згради. Предлог планот за Расадник од 2020 година на претходната општинска гарнитура во делот кој денес е зелена површина односно неизградениот дел од Расадникот предвидуваше 99 згради и скоро еден милион квадратни метри станбена површина додека за градежни парцели со намена зеленило имаше површина од околу 10.000 квадратни метри. Сите пристигнати трудови од меѓународниот конкурс имаат над 100.000 квадратни метри зелена површина односно Кисела Вода и Скопје добиваат нов градски парк со површина што е за 10 пати поголема зелена површина од предложениот Урбанистички план во 2020 година, посочи Ѓорѓиевски.
Во однос на станбени објекти, потенцира, вкупната етажна површина за градење со намена домување во неизградениот дел од Расадникот изнесува максимално 192.400 квадратни метри, што е за 80 отсто помала од предлог планот од 2020 година.
На Меѓународниот конкурс за Расадник се доделија две први рамноправни награди, едно трето место и еден откуп. Сите пристигнати трудови се јавно изложени во Домот на култура „Билјана Беличанец“, а изложени се и трудовите на студентите од Архитектонскиот факултет при УКИМ-Скопје, како и студентските проекти од мастер студиите на Одделот за архитектура и дизајн на Политехничкиoт универзитет во Торино, кои не се натпреваруваа на конкурсот. За ликот на Расадник твореа и основците од неколку училишта во Кисела Вода и нивните цртежи, исто така се дел од изложбата.вј/са/
Фото: Општина Кисела Вода