• сабота, 23 ноември 2024

Општина Зрновци ќе наплати полугодишен буџет од последната продажба на државно градежно земјиште

Општина Зрновци ќе наплати полугодишен буџет од последната продажба на државно градежно земјиште

Кочани, 27 септември 2023 (МИА) – Општина Зрновци оствари рекорден износ од продажба на градежно земјиште во државна сопственост и за 18 парцели ќе наплати близу 5,8 милиони денари, што е над половина од буџетот за оваа година.

На електронското јавно наддавање беа понудени вкупно 26 градежни парцели, од кои една за изградба на дом за стари лица, а останатите за објекти за индивидуално домување.

- Постигната е извонредна цена од продажбата на земјиштето, при што парцелата за дом за стари лица се продаде за нешто повеќе од пет милиони денари. Со оглед што нашата општина е една од најмалите локални самоуправи во државата, со скромен буџет, оваа цифра е над 50 отсто од годишниот буџет. Дел од средствата ќе бидат искористени за отплата на досега реализираните проекти, а поголем износ за инфраструктурни и други зафати што претстојат. Веќе се работи на урбанистички планови, со разработка на блокови во Зрновци и Мородвис од по 11 хектари, наменети за индивидуално домување, но и за лесна и незагадувачка индустрија, како и за фотонапонска електрична централа, истакна Борчо Коцев, градоначалник на Зрновци.

Градоначалникот Коцев најави дека до крајот на годината се планира изработка на урбанистички план вон опфат за две локации со вкупна површина од седум хектари, наменети за индустриска зона.

Последната продажба на градежно земјиште во општина Зрновци се реализираше пред околу четири години кога беа понудени девет парцели за индивидуално домување, а беше остварен скромен приход од близу половина милион денари. та/цр

Фото: МИА

Остани поврзан