• понеделник, 23 декември 2024

Општина Зрновци ја почнува изградбата на пречистителна станица за отпадни води во селото Видовиште

Општина Зрновци ја почнува изградбата на пречистителна станица за отпадни води во селото Видовиште

Кочани, 5 август 2023 (МИА) – Со потпишувањето на договор со изведувачот на градежните работи, Општина Зрновци официјално ја почна реализацијата на проектот „Изградба на пречистителна станица за комунални и отпадни води во Видовиште“, за што ќе се инвестираат над 1,9 милиони денари.

Најголем дел од инвестицијата е обезбеден со средства од Министерството за животна средина наменети за финансирање програми и проекти за заштита на природата, а Локалната самоуправа кофинансираше во трошоците за спроведување на постапката за избор на изведувач.

-Овој проект е по барање на жителите на селото Видовиште и со него решаваме повеќедецениски проблем, односно го спречуваме понатамошното загадување на Видовишка Река како притока на Брегалница. Фекалната канализација од селото досега се излеваше во речното корито кое во текот на летниот период пресушува, а од отпадните води се создава мочуриште што претставува извор на зараза и голем загадувач на земјоделските површини. По потпишаниот договор со избраниот економски оператор и воведувањето во работа, очекуваме активностите на терен да почнат следната недела, истакна Борчо Коцев, градоначлник на Општина Зрновци.

Со изградбата на новиот цевковод и каптажата за постојано водоснабдување во Видовиште, којашто е во завршна фаза, како и со потпишаниот договор за пречистителната станица, се реализираат две од трите клучни барања на жителите на ова село.

Во текот на септември ќе се исполни и третото барање за изградба на локалниот пат од месноста Оризови Гумна до локалитетот Друмот, за што ќе се инвестираат околу 5,5 милиони денари. та/ев/

Фото: Општина Зрновци

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан