• понеделник, 25 ноември 2024

Општина Градско ќе добие енергетски ефикасно јавно осветлување со ЛЕД светилки

Општина Градско ќе добие енергетски ефикасно јавно осветлување со ЛЕД светилки

Велес, 18 септември 2021 (МИА) - Старите улични натриумови светилки во Општина Градско ќе бидат заменети со висококвалитетни, модерни и енергетско ефикасни ЛЕД светилки. Ова го овозможи договорот за проект за модернизација и енергетска ефикасност на јавното осветлување кој општината го потпиша со компанијата Елмонд Електро ДОО експорт - импорт Скопје.

Како што информираше градоначалникот, Роберт Бешовски, реализацијата на проектот започнува наредната недела, и со истиот, Општина Градско ќе обезбеди значително намалени трошоци за електрична енергија и сервисирање на долг рок. Овој проект го поддржа Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), а ќе се изведува по ЕСКО модел на јавно - приватно партнерство.

- Со ова, општина Градско ги следи позитивните примери од ЕУ и регионот, каде енергетската ефикасност донесува корист на повеќе нивоа, како за граѓаните, така и за економијата воопшто, потенцира Бешовски. 
Дополнува дека изведувачот, покрај замената на постојната, ќе постави и нова линија со улични ЛЕД светилки со столбови високи 10 метри од клучка „Стар мотел“ до „Винарија Стоби“, во должина од 2.300 метри, со која ќе се осветлат темните зони и ќе се подобри осветлувањето во централното подрачје, од Полициска станица, до авто - сервис „Џони“ и кај излез за село Уланци, каде ќе има двојни светилки.
 
Воедно, појаснува дека оваа инвестицијата ќе се врши исклучиво преку остварената заштеда на енергија во следните 11,5 години, при што општината нема да има дополнителни трошоци и оптоварување на општинскиот буџет.
Избраната фирма има обврска во Општина Градско да замени вкупно 824 сијалични места и да постави нови 72 на магистралната улица „Александар Македонски“. Комплетното финансирање, изведба и реализација на проектот ги сноси компанијата Елмонд Електро ДОО експорт - импорт Скопје.

- Ова е уште еден показател на сериозниот пристап на општината за искористување на сите можности за унапредување на животот на територијата на целата општината. Користејќи ги сите можни извори на финансирање, сите отворени конкурси на ЕУ и ЕБОР, и овој пат успеавме странскиот инвеститор во нас да препознае партнер од доверба, потенцира градоначалникот Бешовски. ад/ар/

Остани поврзан