• вторник, 12 ноември 2024

Општина Гевгелија и „Макпетрол“ потпишаа меморандум за соработка за кампањата „Крени глас против врсничкото насилство“

Општина Гевгелија и „Макпетрол“ потпишаа меморандум за соработка за кампањата „Крени глас против врсничкото насилство“

Гевгелија, 31 октомври 2023 (МИА) - Општина Гевгелија и „Макпетрол“ денеска потпишаа меморандум за соработка за реализација на општествено одговорната кампања „Крени глас против врсничкото насилство“, со што ќе ги прошират едукативните активности.

Учениците од основните училишта во надлежност на оваа општина ќе имаат можност да стекнат знаења за проблемот со врсничкото насилство преку работилници што ќе ги овозможи компанијата, а ќе бидат предводени од психотерапевт со практично искуство на оваа тема.

- Соочувањето со врсничното насилство е исклучително значајно за секое општество, а клучен иницијален чекор во оваа борба е неговото препознавање. Тоа значи дека, најпрво, треба да се вложи значително повеќе внимание и енергија во кревање свест во јавноста дека се работи за широко распространет проблем којшто не би смеел да се прикрива, туку напротив, за него мора да се води суштински разговор. Убедени сме дека во сето ова едукацијата е од пресудно значење, а лицата кои што се обучени и кои што имаат практично искуство со случаи на булинг се најсоодветните за да ги пренесат знаењата поврзани со оваа тема. Преку комуникациските активности од нашата кампања, всушност, сакаме да го зголемиме интересот на јавноста за проблемот со врсничкото насилство, а со работилниците имаме за цел и во пракса да понудиме пристап за директна работа со децата, но и со просветните работници и секако со родителите, изјавила Марија Јосифовска-Спасовска, член на Управниот одбор и директор во „Макпетрол“.

Освен преку работилниците, учениците подобро ќе се запознаат со проблемот со булингот и преку едукативен материјал којшто, исто така, ќе биде наменет и за нивните родители. Во самите работилници, пак, покрај децата и наставниците, ќе бидат вклучени и членови стручните служби во училиштата од Општина Гевгелија.

- Врсничкото насилство е појава што постои навистина долго време, но се чини дека изминативе години, со развојот на дигиталните технологии и на комуникациските алатки, нејзиниот замав е значително зголемен. Притоа, не е во прашање само сајбер-булингот, децата и учениците и надвор од интернет-просторот, односно во реалноста, се изненадувачки груби едни со други. Во текот на работилниците разговараме за повеќе аспекти на врсничкото насилство, за начините како тоа им влијае не само на жртвите, туку и на сторителите и на набљудувачите. Преку директен разговор и размена на ставови со децата, се обидуваме да ја пренесеме пораката дека булингот остава сериозни, долгорочни, последици кои што не се забораваат, напротив, тие остануваат како белег и во понатамошниот тек од животот, истакнала Деспина Стојановска, системски и семеен психотерапевт.

Вебсајтот kreniglas.mk е централен сегмент на кампањата „Крени глас против врсничкото насилство“. Интернет-страницата има за цел да пренесе знаења на сите што можат да придонесат во изнаоѓањето пристапи и решенија на проблемот со булингот, а тоа се децата, родителите и наставниците. Освен тоа, жртвите, но и сите кои на каков било начин се соочиле со врсничкото насилство можат анонимно да ја споделат личната приказна или, пак, преку интерактивен квиз да откријат какви познавања имаат на темата.

Едукативната кампања „Крени глас против врсничкото насилство“ се реализира во рамки на една од стратешките цели на „Макпетрол“, а тоа е општествената одговорност. Целта на комуникациските содржини, како и на работилниците овозможени од компанијата, е зголемување на јавниот интерес за проблемот со булингот. Сите општини или образовни институции, кои што ја препознаваат вредноста на овие активности, можат отворено да контактираат со „Макпетрол“ и со заеднички пристап да се изнајдат долгорочни решенија за врсничкото насилство како проблем што има значајно влијание врз развојот на идните генерации. рт/цр

Фото: Оргаизатори на кампања

Остани поврзан