Општина Велес ќе добие студија за јавен градски превоз, кој ќе се заснова на потребите на граѓаните и вклучување на еколошки возила
- Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) ја одобри апликацијата на Општина Велес за реализација на проект за подготовка на Студија за јавен градски превоз. За проектот, кој е во вредн
Велес, 12 мај 2021 (МИА) - Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) ја одобри апликацијата на Општина Велес за реализација на проект за подготовка на Студија за јавен градски превоз. За проектот, кој е во вредност од околу 40 илјади долари, во текот на вчерашниот ден УНДП објави и тендер за изработка на физибилити студија за оптимална мрежа и систем на јавен превоз за Велес.
Велешкиот градоначалник Аце Коцевски на денешната прес-конференција истакна дека оваа студија е од исклучително значење за граѓаните на Велес затоа што, како што рече, претставува основа за развој на јавен градски превоз креиран врз основа на потребите на граѓаните и со користење на сите мерки за развој на т.н зелена општина со вклучување на еколошки возила во јавниот превоз.
- Со овој документ ќе имаме можност во иднина да аплицираме на значајни проекти за развој на јавниот превоз, рече тој.
Коцевски појасни дека реализацијата на проектот претставува и конкретна реализација на една од најзначајните активности во рамките на План за одржлива урбана мобилност на Општина Велес за периодот 2019-2030 година.
- Ги поканувам сите стручни институции и експерти од областа на сообраќајот и развојот на јавниот превоз да се јават на тендерот распишан од УНДП и да придонесат за изработка на физибилити студија што ги исполнува сите европски и меѓународни стандарди, порача тој.
Коцевски истакна дека конечната вредност на овој значаен проект ќе биде позната по завршувањето на тендерската постапка.ад/фф/