• понеделник, 23 декември 2024

Општина Велес го одбележа 24 Мај, Денот на сесловенските браќа Св. Кирил и Методиј

Општина Велес го одбележа 24 Мај, Денот на сесловенските браќа Св. Кирил и Методиј
Велес, 21 мај 2021 (МИА)-  Општина Велес денеска пред зградата на локалната власт во Велес го одбележа 24 Мај, Денот на Сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј. Градоначалникот Аце Коцевски во своето пригодно обраќање пред присутните потсети дека на Велес, како град со посебно место и улога во историјата, просветата и културата на македонскиот народ и држава, му прилега достојно да го одбележува 24 Мај. -Овој значаен датум, претставува наш потсетник за суштинската и историска улога која ја имаат првите учители. Со својата благородна мисија, солунските браќа се едни од најзаслужните за нашето културно, етничко, но и духовно постоење како народ и нација. Тие се браќата што веруваа во правото на секој народ да го користи својот јазик, потенцира Коцевски. Општина Велес и годинава, им оддаде признанија на најдобрите просветни работници, а по третпат и на најталентираните ученици од основните и средни училишта во градот. За најталентирана ученичка од Основно образование за 2021 година, ја прогласи деветтооделенката Ана Бошкова во ООУ „Блаже Конески“. Наградата најдобар ученик во средно образование ја добија  средношколците Игор Стојков, ученик во четврта година од ОСУ „Јовче Тесличков“ и Бојан Димовски, ученик во четврта година во ССОУ „Коле Неделковски“. За првпат годинава, градоначалникот Коцевски додели признание за посебен придонес во  образованието преку волонтеризмот. Признанието го доби Трајче Станковски, одделенски наставник во ООУ „Васил Главинов“. Признание за вложениот професионален труд во учениците, нивната неуморност и трпение да создадат индивидуи потковани со знаења и умешност, добија најдобрите просветни работници во основното и средното образование. За најдобар наставник во одделенска настава годинава е избрана Лидија Ѓорѓиева од ООУ „Св. Кирил и Методиј“. Признанието за најдобар наставник во предметна настава му припадна на Илија Настовски, наставник по пијано во ООМУ „Стефан Гајдов“. За најдобар наставник во средните општински училишта е прогласена Драгана Тевчева, наставник по физика во СОУ „Гимназија Кочо Рацин“. Од името на наградените наставници пред присутните се обрати наставничката Лидија Ѓорѓиева. -Ја градиме нивната самодоверба, се грижиме за нивната благосостојба, ги учиме и поучуваме меѓусебно да се почитуваат, взаемно да се вреднуваат, да бидат толерантни, трудољубиви, упорни, истрајни и успешни граѓани, истакна Ѓорѓиева. Свеченоста беше збогатена со музички настап на триото „Окарина“.ад/свс

Остани поврзан