• понеделник, 23 декември 2024

Општина Берово додели благодарници за поединци кои ја афирмирираат општината и Малешевијата во странство

Општина Берово додели благодарници за поединци кои ја афирмирираат општината и Малешевијата во странство

Берово, 14 август 2024 (МИА) - Во пресрет на Денот на градот - 23 Август, Општина Берово започна со доделување на благодарници за поединци кои ја афирмирираат општината и Малешевијата  во земјава и странство. Градоначалникот на Берово Звонко Пекевски првата благодарница им ја додели на младите Јована Топаловска и Глигорчо Симевски, млади ентузијасти од Берово кои ги промовираат малешевските производи во нивниот ресторан во Оберхаусен-Реинхаусен, во близина на градот Карлсруе, Германија.

-Спомените за родното Берово, Јована и Глигорчо ги пренеле и во сопствениот ресторан кој се вика „Boulevard der Liebe“ поточно „Булевар на љубовта“. Тој изобилува со украси и голем број слики од градот Берово, од кои, некои се нацртани од самата Јована, која вешто се справува и во уметничкиот свет. Од тие причини, Комисијата за доделување на награди и признанија, при Советот на Општина Берово,  одлучи да им биде доделена благодарница, за промоција на Општина Берово, во странство која имав чест да им ја доделам, рече Пекевски.

Берово, како што истакнаа на средбата со Пекевски младите Јована и Глигорчо, секогаш ќе остане во нивното срце.

Богатата и традиционална храна и убавина од Малешевијата, како што додадоа, се концепт претставен во ресторанот, кој ги промовира убавите и единствени вкусови на секој посетител. вс/мд/

Фото: МИА

Остани поврзан