• вторник, 05 ноември 2024

Општина Аеродром ја зајакнува соработката со дијаспората

Општина Аеродром ја зајакнува соработката со дијаспората

Скопје, 15 ноември 2022 (МИА) - Градоначалникот на општина Аеродром Тимчо Муцунски денеска одржа работна средба со министерот без ресор задолжен за дијаспора Џемаил Чупи и потпишаа Договор за заемна соработка кој предвидува отворање Центар за дијаспора во оваа локална самоуправа.

Како што информира Општина Аеродром, Центарот за дијаспора ќе има посредничка улога, односно ќе биде линк меѓу граѓаните од дијаспората и оваа Општина преку кој тие ќе има пристап до потребните информации.

-Улогата на овој центар во иднина ќе биде да иницира соработка на локални организации со организации од дијаспората за реализација на заеднички проекти, поттикнува т.н. дијаспора туризам, води евиденција за бројот на дипломирани студенти од локалната дијаспора, промовираат програми за мобилност на млади, поттикнува и промовира збратимување на градовите со општини во странство каде што живеат Македонци и друго, се вели во соопштението.

Министерот Чупи по потпишување на договорот изрази надеж дека во иднина на оваа соработка ќе ѝ следи успех за заедно, како што рече, да ја вратиме довербата на граѓаните од дијаспората и да им го олесниме пристапот до нивните права во нивната татковина.

Градоначалникот Муцунски истакна дека нашите граѓани кои живеат во странство се составен и важен дел од нашата земја и токму поради тоа денешниот настан има големо значење. Според него, имајќи ја предвид важноста на дијаспората, локалната самоуправа има обврска да преземеме активности со кои ќе се зајакнат конекциите кои тие ги имаат со земјава.

-Општина Аеродром е една од првите општини каде се отвора ваква канцеларија и за мене преставува вистинска чест што токму преку нашата општина ќе се градат идните врски со дијаспората, но и ќе се иницираат проекти кои ќе бидат од значење за Македонците од странство, но и за граѓаните на Аеродром. Преку оваа канцеларија ќе направиме и мапирање на нашите граѓани кои живеат во странство, а кои во иднина можат да дадат придонес за економскиот, културен и научен развој на општината, истакна градоначалникот Муцунски. Со потпишување на денешниот договор, Општина Аеродром се обврзува да ги обезбеди сите неопходни услови за непречена работа и функционирање на оваа канцеларија. мд/дма/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан